Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство Скопје против пет физички лица и две правни лица поради сомневање за злоупотреби поврзани со користење средства од европски фондови.
Пријавени се Б.Г. и Г.Ф. во својство на надзорни инженери, како и Е.Н., М.Г. и Н.М., сопственици и управители на две компании. Тие се товарат за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“, „Измама на штета на средствата на Европската Унија – во обид“ и „Употреба на исправа со невистинита содржина“.
Според Финансиската полиција, надзорните инженери, спротивно на законските прописи, извршиле технички преглед на објекти кои не биле завршени и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина. Со тоа им овозможиле на правните лица да ги впишат објектите во евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности и да создадат услови за стекнување противправна имотна корист.
Од Управата наведуваат дека сопствениците и управителите на фирмите биле свесни дека објектите не ги исполнуваат законските услови за ставање во употреба, но сепак ги искористиле спорните извештаи како основ за нивен упис во Катастарот.
Целта, според сомневањата на истражните органи, била да се прикаже дека се исполнети условите за користење на објектите и на тој начин да се овозможи исплата на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027).
Со ваквите дејствија, пријавените се обиделе да стекнат противправна имотна корист во вкупен износ од 50.141.528 денари, соопшти Управата за финансиска полиција.




































