Фото: „Нова Македонија“

Одбележување на 165-годишнината од издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци (24.6.1861)

  • Овој монументален зборник со своето богатство од песни и традиции е еден од основните и најважни темели на македонското народно творештво. Тој претставува капитално и епохално дело за македонскиот народ. Марко Цепенков го чувал дома и го нарекувал „второ вангелие“. Кажано со речникот на Цепенков, Зборникот на Миладиновци е и своевидно „евангелие на македонизмот и на македонскиот идентитет“! Оттука и браќата Миладиновци се дел од основните столбови врз кои се потпираат културното наследство и македонскиот јазик

Свето Тоевски

Еден од најзначајните чувари и своевидни пишани споменици на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е делото Зборник на браќата Миладиновци, објавено на денешен ден – 24 јуни 1861 година. Пред 165 години првите примероци од зборникот ја напуштиле печатницата во Загреб и им биле испорачани на претплатниците. Во овој Зборник на 538 страници, на голем формат, објавени се вкупно 660 песни, како и 14 детски игри, неколку народни обичаи од разни места во Македонија, осум верувања, 16 преданија, извесен број лични имиња, 50 изреки и 104 гатанки. Македонските песни се поделени во групи: самовилски, други стари, црковни, јуначки, жаловни, смешни, љубовни, свадбени, лазарски, жетварски, песни за Водици, за Ѓурѓовден… Сите тие песни потекнуваат од разни краишта на Македонија (Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и др.). Овој монументален зборник со своето богатство од песни и традиции е еден од основните и најважни темели на македонското народно творештво. Тој претставува капитално и епохално дело за македонскиот народ. М. Цепенков го чувал дома и го нарекувал „второ вангелие“. Кажано со речникот на Цепенков, Зборникот на Миладиновци е и своевидно „евангелие на македонизмот и на македонскиот идентитет“! Оттука и браќата Миладиновци се дел од основните столбови врз кои се потпираат културното наследство и македонскиот јазик.

Денес, кога соседите попусто се обидуваат да го оспорат самото постоење на македонскиот јазик и идентитет, ваквите дела имаат уште поголема важност, бидејќи претставуваат тестаментални завештанија до секое македонско поколение, вклучително и денешното, дека не смее да се дозволи ниту да исчезне, ниту да им се преотстапи на други овој дел на севкупната македонска национална меморија.
Историчарот Харалампие Поленаковиќ изнесува научни аргументи дека Константин Миладинов и неколку негови блиски соработници ги опишувале песните, кои ги подготвувал во Москва, како македонски, термин што го користеле и Рајко Жинзифов и рускиот научник Рачински. Во своето писмо до Георги Раковски од 8 јануари 1859 година Миладинов напишал на три места дека поседува „многу македонски песни“, кои имал намера да ги објави подоцна. Во писмо до Г. С. Раковски од 8.1.1859 година тој на три места го истакнува македонството на песните, што ги носел со себе. „И ja имам многу Макед. песни, кои сакам да издадам“, навел Константин во ова писмо – документ.

За народните умотворби и народни песни во „Зборникот на Миладиновци“ д-р Томе Саздов, истражувач на македонското народно творештво и универзитетски професор по усна народна книжевност во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во свој научен труд напишал: „Со овие и сите други свои народни умотворби Македонците си го сочуваа, низ темните ропски векови, најдрагоцениот белег на својата народност – својот јазик. Токму народните умотворби ги откриваат корењата на самобитното постоење на Македонците во минатото. Тие се авторитетен и меродавен документ на националната самобитност македонскиот народ пред асимилаторските апетити на сите негови поробувачи, и овие новите. Македонскиот народ во своето усно поетско творештво ги излеал своите богати творечки дарби, вградувајќи ги во нив чистотата и оригиналноста на својот мајчин македонски јазик. Македонското народно поетско творештво, пројавено во важниот период на нашата преродба, има несомнено фундаментално значење за националната и културната историја на Македонците: говори јасно за созреаното национално сознание на македонскиот народ и обилно го истакнува на показ богатството на нашиот македонски јазик во времето кога печатеното негово претставување беше вистинска реткост“.