Цените на храната под силен удар од геополитичките случувања
- Поскапувањата на храната се аларм дека нашата земја мора да преземе мерки за поврат и раст на домашното земјоделско производство.
Иако во неколку наврати алармиравме, падот на производството и растот на цените се знак дека се неопходни извесни промени. Дали треба да се изврши промена на субвенциите или да се зголемат останува отворено прашање, но факт е дека мора да се поттикнува поголемо производство на основните производи, како на пченицата и сличните жита така и на градинарските продукти…
Цените на дел од основните прехранбени продукти повторно растат поради војната на Блискиот Исток. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека имаме нов раст на цените на мало, при што во мај годинава, во споредба со мај 2025 година, се зголемени за 5,6 отсто. Притоа најголем годишен раст има кај земјоделските производи, кои во мај годинава биле поскапи за 6,7 отсто во споредба со истиот месец лани. Услугите бележат раст од шест проценти, а цените на стоките се зголемени за 5,4 отсто.
Кај прехранбените производи, кои се најдиректно поврзани со секојдневните трошоци на граѓаните, годишното поскапување изнесува 4,2 проценти. Индустриско-прехранбените производи се зголемени за 3,4 отсто, додека пијалаците, алкохолни и безалкохолни, бележат раст од 1,3 процент.
Поскапувањата на храната се аларм дека нашата земја мора да преземе мерки за поврат и раст на домашното земјоделско производство. Иако во неколку наврати алармиравме, падот на производството и растот на цените е знак дека се неопходни извесни промени. Дали треба да се изврши промена на субвенциите или да се зголемат останува отворено прашање, но факт е дека мора да се поттикнува поголемо производство на основните производи, како на пченицата и сличните жита така и на градинарските продукти…
За вчера беше предвиден состанок на премиерот Христијан Мицкоски со маркетите и со дистрибутерите, при што тој најави законски измени со кои десеткратно ќе бидат зголемени казните за фирмите што ќе имаат нефер трговски практики. Премиерот минатата недела ги повика компаниите, дистрибутерите, доставувачите и производителите да пријавуваат нефер трговски практики за државата да интервенира во ваквите случаи.
Економистите предупредуваат: Цените ќе продолжат да растат
Податоците покажуваат дека низ годините имаме постојано намалување на производството на голем дел од земјоделските култури, а се намалува и просечниот принос. Единствено е стабилно производството на тутун, но тоа не придонесува во намалување на цените на прехранбените продукти.
Домашните експерти укажуваат оти мерки за поддршка на земјоделството мора да има, но клучно е како се користат и каков ефект постигнуваат. Напоменуваат дека нема резултати за краток период, поради што е потребно редовно следење на состојбите.
– Оформувањето и спроведувањето политики што ќе водат кон успех и раст на земјоделството во Македонија се доста комплексна тематика, за која нема магично стапче. Факт е дека се прават разни обиди, но, за жал, исто така факт е оти состојбите во нашата земја во секторот земјоделство не се како што сакаме и потребни се промени што ќе резултираат со поголемо домашно производство и подобрување на условите за работа за земјоделците – вели наш соговорник, економски експерт.
Дополнително, тој укажува дека и процесот на депопулација или иселување исто така ги влошува состојбите во земјоделството. Факт што веќе е очигледен е заминувањето на жителите од руралните средини во поголемите градски средини или, пак, во други држави, што значително влијае врз намалување на производството.
Од друга страна, економистите, пак, посочуваат оти поради климатските и геополитичките промени, во иднина ќе продолжи трендот на пораст на цените на храната. Нагласуваат дека влегуваме во нова реалност, каде што намаленото производство (поради климатската криза) и затворањето на пазарите (поради блоковската поделеност) ќе носат не само растечки цени туку и недостиг од прехранбени производи.
– Иако Македонија не е на првата линија на удар, нејзината економија е интегрирана во светската и не е можно светските трендови да не се одразат и врз нас. Тоа налага дека мора да се промени нашето однесување и како потрошувачи и како граѓани. Како потрошувачи, потребно е да се намали импулсивно купување, да не се фрлаат пари на она што реално не ни е потребно, повеќе да се купува непреработена храна, како и поголема внимателност да не се фрла храна – велат економистите.
Најмногу поскапуваат земјоделските продукти
Последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), односно индексот на цените на храната, покажа дека има нов раст на цените на житата и на шеќерот, додека е забележано благо намалување кај растителното масло.
– Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на кошничка со глобално тргувани прехранбени производи, во просек изнесуваше 130,8 поени во мај 2026 година, што е намалување за 0,2 проценти од ревидираното априлско ниво и 2,9 проценти повисоко од нивото од претходната година. Додека глобалните пазари на прехранбени производи останаа генерално отпорни, зголемувањето на цените на житата ја нагласува ранливоста на ризиците поврзани со временските услови и нарушувањата на пазарите на енергија и влезни материјали. Континуираната неизвесност што влијае на клучните трговски патишта, вклучувајќи го и Ормускиот Теснец, може да ја намали употребата на ѓубрива и да изврши дополнителен притисок врз цените на храната, истакнувајќи ја потребата од координирана меѓународна акција – истакна Бубакер Бен-Белхасен, директор на Одделот за пазари и трговија на ФАО.
Индексот на цените на житата на ФАО се зголеми за 2,6 проценти во однос на април и беше речиси пет проценти повисок од пред една година, што придонесува за повисоки цени кај сите главни жита во услови на повисоки трошоци за гориво и ѓубрива на глобално ниво и притисоци поврзани со временските услови.
Светските цени на пченицата се зголемија за 3,4 проценти во однос на нивото од претходниот месец и за 7,8 проценти во однос на нивото од претходната година, што, според ФАО, се должи на помалите жетви кај главните извозници, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, каде што условите за жетва на зимска пченица се меѓу најнеповолните во последните децении. Цените на пченката се зголемија за 1,9 процент – 3,9 проценти годишно – врз основа на поголемата побарувачка за увоз на клучните пазари, помалата достапност во Бразил и Соединетите Американски Држави и поцврстите цени на енергијата што ја зголемија побарувачката поврзана со етанол. Индексот на цените на оризот на ФАО се зголеми за 2,7 проценти во однос на претходниот месец, бидејќи временските услови и повисоките цени на суровата нафта и добиените производи ги поткрепија котациите во некои водечки азиски земји извознички.
Индексот на цените на месото на ФАО се зголеми за 0,1 процент. Светските цени на говедското месо се зголемија поради силната побарувачка за увоз, особено од Кина и Соединетите Американски Држави, додека цените на свинското месо се намалија, главно поради пониските цени во Европската Унија поради изобилството на резерви и намалената побарувачка за увоз. Е.Р.
































