Фото: „Нова Македонија“

Комасација – заборавена реформа без која нема модерно земјоделство

  • Еден од најголемите проблеми на македонското земјоделство е токму расцепканоста на земјиштето. Голем број земјоделци обработуваат по неколку мали парцели, кои често се оддалечени една од друга, а неретко и со неправилна форма

Деновиве, едно прашање од областа на земјоделството повторно доаѓа во фокусот на аграрните политики – комасацијата на земјиштето. Последниот пример доаѓа од Србија, каде што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави дека започнала изработката на нацрт-закон за комасација на земјиштето. Според српските власти, новиот закон треба посеопфатно и поефикасно да ја уреди оваа област, со цел рационално користење на земјиштето, намалување на расцепканоста на имотите, подобрување на земјоделската инфраструктура, развој на системите за наводнување и одводнување и подобра заштита на природните ресурси.

Во образложението се наведува дека комасацијата е еден од најважните инструменти за зголемување на ефикасноста на земјоделското производство, развојот на руралните подрачја и одржливото управување со земјишните ресурси. Новиот закон треба да обезбеди и поголема транспарентност на постапките и подобра заштита на правата на сопствениците.

Она што денес го прави Србија е прашање што и Македонија одамна требаше да го постави како еден од своите најважни аграрни приоритети.

Расцепканите земјоделски површини се сериозен проблем

Еден од најголемите проблеми на македонското земјоделство е токму расцепканоста на земјиштето. Голем број земјоделци обработуваат по неколку мали парцели, кои често се оддалечени една од друга, а неретко и со неправилна форма.
– Последиците се сериозни – како што се повисоки производствени трошоци, поголема потрошувачка на гориво, помала употреба на современа механизација, потешко воведување системи за наводнување, пониска продуктивност по хектар, помала конкурентност на домашното производство… Имено, во пракса, земјоделец што поседува пет хектари земја поделени на десетина мали ниви има значително поголеми трошоци отколку земјоделец што располага со истата површина на едно место. Токму затоа во голем дел од Европа комасацијата одамна се смета за предуслов за модерно земјоделство – велат нашите соговорници од земјоделските факултети во Скопје и во Штип.

Европските искуства

Најуспешните примери доаѓаат од Холандија, Германија и од Данска, каде што процесите на комасација започнале уште во минатиот век.
– Благодарение на окрупнувањето на земјиштето, на пример Холандија, Германија и Данска успеале значително да ја зголемат продуктивноста и да изградат модерна земјоделска инфраструктура. Во последните години и државите од регионот повторно ја ставаат комасацијата во фокусот.

Хрватска во 2022 година донесе посебен Закон за комасација на земјоделското земјиште и усвои национална програма за окрупнување на парцелите до 2026 година. Во 2025 година дополнително ги олесни условите за спроведување на постапките со цел забрзување на процесот и намалување на расцепканоста на земјиштето – велат нашите соговорници, универзитетски професори, споменувајќи го повторно најновиот чекор на нашиот северен сосед Србија, која исто така заостануваше, но сега по таа основа оди чекор понатаму со подготовка на нов закон, кој треба да ги отстрани слабостите забележани во досегашната практика и да создаде услови за поефикасно користење на земјоделското земјиште, додаваат нашите соговорници.

Македонија има искуство, но недостига масовна примена

Иако ретко се зборува за тоа во јавноста, Македонија не почнува од нула. Во изминатите години беа реализирани повеќе пилот-проекти за комасација со поддршка на меѓународни организации и европски фондови. Особено значајна беше поддршката од Организацијата за храна и земјоделство, која работеше на структурни реформи на земјиштето и на проекти за окрупнување на земјоделските површини во земјата.

Во повеќе региони беа изработени планови за реорганизација на земјишните парцели, со цел да се создадат поголеми и пофункционални производствени целини. Но, и покрај позитивните резултати, процесот остана ограничен на неколку локалитети.
Причините се повеќеслојни, а професорите ги издвојуваат сложените имотно-правни односи, недоволно ажурирани катастарски податоци, недоверба кај сопствениците, бавните административни процедури и недостигот од долгорочна национална стратегија.

Комасацијата не значи одземање земја

Една од најчестите заблуди е дека комасацијата претставува одземање на приватната сопственост.
– Напротив, суштината е сопствениците да добијат земјиште со еднаква вредност, но со подобра конфигурација и поголема функционалност. Наместо неколку расфрлани парцели, земјоделецот добива помал број поголеми и подобро поврзани површини. Во современите модели на комасација истовремено се планираат и пристапни земјени и асфалтни патишта, канали за одводнување, системи за наводнување, заштитни зелени појаси, мерки за заштита од ерозија и поплави – појаснуваат нашите соговорници.
Токму затоа комасацијата денес не се гледа само како земјишна реформа туку како инструмент за рурален развој.

Време е за национална стратегија

Македонија има околу половина милион хектари обработливо земјиште, но неговата продуктивност и понатаму заостанува зад европските стандарди. Дел од причината лежи токму во малите и расцепкани поседи.

Ако државата сака поголемо домашно производство на храна, поконкурентни земјоделци и поефикасно користење на водните ресурси, тогаш комасацијата мора да стане национален приоритет.

Примерот на Србија покажува дека регионот повторно ја открива важноста на оваа политика. Прашањето е дали Македонија ќе го искористи моментот и ќе ја забрза реформата или повторно ќе дозволи една од најважните аграрни мерки да остане заглавена во пилот-проекти и административни процедури.

Во време кога секој обработлив хектар станува стратешки ресурс, комасацијата повеќе не е само техничко прашање. Таа е предуслов за модерно, профитабилно и за одржливо земјоделство.