Специјализирани комунални возила, канти за селекција на отпад и контејнери доби Општина Прилеп, преку проектот за унапредување на системот за управување со отпад.
Новата опрема ја промовираа градоначалникот Дејан Проданоски
и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска,.
-За прилепските домаќинства се обезбедени 8.318 канти од 120 литри за примарна селекција на отпад, додека 126 нови контејнери од 1,1 м³ ќе бидат поставени во градот и ќе ги заменат дотраените и оштетени садови за отпад. Во рамки на проектот, Прилеп добива и вкупно 9 специјализирани возила за собирање отпад, од кои три веќе се испорачани, а останатите ќе пристигнуваат во наредниот период. Со ова значително се подобруваат условите за работа на ЈКП „Комуналец“ и се зголемува ефикасноста во одржувањето на јавната хигиена – вели градоначалникот Проданоски.
Дополнително, во тек е постапката за набавка и поставување на 48 полуподземни контејнери, инвестиција вредна над 18,6 милиони денари, обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Прилеп со години е еден од лидерите во селекцијата на отпадот и заштитата на животната средина.
Со овие инвестиции дополнително се зајакнуваат капацитетите на градот и се создаваат подобри услови за почиста и поздрава животна средина.
Ка.М.

































