Фото: МИА

Неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна била пронајдена при извршување градежни активности во Новаци, информираат од Министерство за внатрешни работи, пренесе МИА.

Според информациите од полицискиот билтен, случајот бил пријавен на 19 јуни во 09:00 часот во Полициското одделение Новаци од страна на претставници на Комунална хигиена при Општина Новаци.

При извршување на работни задачи во селото, работниците забележале сомнителен метален предмет, по што веднаш ги известиле надлежните служби.

На местото интервенирале стручни лица од Дирекција за заштита и спасување, кои безбедно ја подигнале и отстраниле експлозивната направа.

По извршената проверка било утврдено дека станува збор за артилериска граната со калибар од 75 милиметри, која потекнува од периодот на Прва светска војна.

Надлежните институции потсетуваат дека при пронаоѓање на сомнителни или експлозивни предмети граѓаните не треба да ги допираат или преместуваат, туку веднаш да ја известат полицијата или службите за заштита и спасување, со цел безбедно отстранување на опасноста.