Современите безбедносни предизвици бараат засилена меѓународна соработка, силни институции и заеднички пристап кон дигиталните, хибридните и геополитичките закани. Ова беше една од главните пораки на меѓународната безбедносна конференција што се одржа во Скопје.
Во рамки на конференцијата беа организирани пет тематски панели на високо ниво, посветени на актуелните глобални и регионални безбедносни предизвици.
На панелот за мултилатералната безбедност во услови на фрагментиран свет, учесниците ја истакнаа потребата од поинтензивна дипломатија и регионална соработка. Поранешниот амбасадор Дарко Ангелов нагласи дека современата безбедност се темели на три клучни столба – воената сигурност, човековата безбедност и човековите права, како и економската и еколошката стабилност.
Швајцарскиот амбасадор Кристоф Сомер ја потенцираше важноста на довербата, правичноста и почитувањето на меѓународното право како темелни вредности во дипломатските процеси, посочувајќи дека Швајцарија и понатаму активно придонесува во тие области.
Професорот Жидас Даскаловски истакна дека успешната превентивна дипломатија се заснова на две клучни компоненти – темелна анализа на состојбите и создавање простор за дијалог меѓу засегнатите страни.
За значењето на неутралните држави и тивката дипломатија говореше Гим Власи, кој оцени дека токму неутралните платформи овозможуваат конструктивен дијалог и приближување на различни позиции во време на зголемени меѓународни тензии.
На останатите панели, посветени на вештачката интелигенција, климатската и енергетската безбедност, како и економската стабилност на Западен Балкан, беше заклучено дека новите технологии, енергетските ресурси и инвестициите сè повеќе стануваат дел од безбедносните политики.
Учесниците се согласија дека за справување со современите предизвици неопходни се посилна институционална отпорност, регионална координација и долгорочна меѓународна соработка.



































