Жители на југоисточниот дел од Московската област пријавија појава на црн и мрсен дожд по најголемиот украински напад со беспилотни летала врз руската престолнина од почетокот на војната.
Според руските власти, во нападот биле лансирани речиси 200 дронови кон Москва. По ударите, над погодената нафтена рафинерија се издигнале густи облаци чад, а во Московската област биле повредени 17 лица, соопшти гувернерот Андреј Воробјов.
Локални жители за „Би-би-си“ изјавиле дека ситниот дожд оставал црни дамки на облеката и возилата. Иако московските власти ги отфрлија тврдењата за таканаречен „нафтен дожд“, официјалниот градски канал на Телеграм ги предупреди жителите од погодените подрачја да ги држат прозорците затворени.
The moment a storage tank at the Moscow oil refinery was hit: the blast blew the tank’s lid off. https://t.co/ibupq8ofJc pic.twitter.com/cptsVVywYP
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 18, 2026
На семејствата со мали деца, постарите лица и лицата со респираторни заболувања им е препорачано привремено да ја напуштат областа.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во последните 24 часа биле пресретнати и уништени речиси 1.000 украински беспилотни летала и четири крстосувачки ракети.
Во меѓувреме, во Ростовската област бил погоден склад за нафта, при што загинало едно лице.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот претставува одговор на рускиот напад врз Киев од минатата недела, кога беше оштетена Печерската лавра.
– Не ја сакавме оваа војна и никогаш не сме ја сакале. Но, ако гори Украина, ќе гори и вашата Москва – порача Зеленски.
Како реакција, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави нови масовни руски напади врз Украина.
Пожарите избувнаа откако рафинеријата Капотња во југоисточна Москва беше погодена третпат во последниот месец и вторпат во текот на оваа недела. На видеоснимки објавени на социјалните мрежи се гледаат силни експлозии, оштетени нафтени резервоари и густ црн чад.
Поради нападите, привремено беа затворени четири московски аеродроми, а повеќе од 500 летови беа откажани или одложени.
И покрај забраната за објавување снимки од последиците од нападите, на социјалните мрежи се појавија бројни видеа од дронови над Москва и експлозии во индустриските зони на периферијата на градот.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха преку платформата Икс им порача на жителите на Москва дека причината за нападите е руската агресија врз Украина и ги повика да побараат одговор од Кремљ за крај на војната.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој во Казан е домаќин на лидерите од Југоисточна Азија, засега не го коментираше нападот врз Москва.



































