Претседателите на САД и Иран, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се предвидува продолжување на прекинот на огнот, отворање на Ормускиот Теснец и почеток на преговори за траен договор меѓу двете земји.
Документот беше потпишан по завршувањето на самитот на Г-7, за време на свечена вечера во дворецот Версај, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и други гости.
-Штотуку го потпишав – им изјави Трамп на новинарите при напуштањето на дворецот.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, потврди дека документот е финализиран со потписите на двајцата претседатели, наведувајќи дека Трамп и Пезешкијан го парафирале договорот по електронски пат.
Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф, кој посредуваше во постигнувањето на договорот, објави дека тој стапува во сила веднаш.
Меморандумот има цел да стави крај на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, кој започна на 28 февруари и доведе до ракетни и беспилотни напади низ регионот, како и до сериозно нарушување на пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Како прв чекор, Иран треба да го отвори Ормускиот Теснец за меѓународен сообраќај, додека САД треба да ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа.
Според договореното, Вашингтон ќе ги замрзне санкциите за продажба на иранска нафта веднаш по потпишувањето, а нивното целосно укинување ќе зависи од постигнувањето траен договор во рок од 60 дена.
Од иранска страна е предвидено во рок од 30 дена целосно да се обнови пловидбата низ Ормускиот Теснец, чија блокада предизвика значителни последици врз светската економија и енергетските пазари.
Меморандумот предвидува и отворање разговори за иранската нуклеарна програма, како и формирање фонд за обнова и економски развој на Иран, поддржан од државите во регионот.
Документот претходно беше парафиран од главниот ирански преговарач Мохамед Багер Галибаф и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Техеран соопшти дека повеќе нема потреба од дополнителна официјална церемонија за негово склучување, која била планирана за в петок во Швајцарија.


































