Од печат излезе книгата „Поглед однатре: Правен факултет ’Јустинијан Први’, 1960-2006“ од Светомир Шкариќ, еден од најистакнатите македонски правници, универзитетски професори и автори во областа на уставното право. Книгата претставува уникатно сведоштво за развојот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, виден низ личното искуство на авторот како студент, асистент, професор и активен учесник во академскиот живот во периодот од 1960 до 2006 година.
Составена од 28 хронолошки подредени есеи, напишани јасно и непосредно, книгата го отвора погледот кон една страна од факултетот што останала недоволно позната за пошироката јавност. Авторот пишува за своите професори и нивниот придонес во развојот на правната наука, за академската атмосфера во амфитеатрите и предавалниците, за научниот развој на факултетот, како и за процесите што го обликувале високото образование во Македонија. Посебно место во книгата имаат прашањата поврзани со академскиот интегритет, критиката на непотизмот, нерегуларностите во испитните постапки и незаконското унапредување во повисоки научни звања. Преку лични сведоштва, архивски податоци и непосредни искуства, авторот го анализира периодот на транзицијата од социјализам кон капитализам и нејзиното влијание врз угледот и вредносниот систем на Правниот факултет.
Како што истакнува проф. Шкариќ во воведот, книгата претставува „сеќавање како одбрана од заборавот“. Таа е истовремено лична мемоарска хроника, академско сведоштво и повик за зачувување на вредностите врз кои се темели универзитетската заедница.
Книгата е во издание на „Или-или“.


































