Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека една од клучните разлики меѓу Македонија и земјите како Украина и Молдавија е тоа што, според него, во тие држави постои поширок политички консензус за стратешките прашања и надворешнополитичките предизвици.
Одговарајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на фабриката „Бреинчајлд“, Мицкоски рече дека македонската опозиција, за разлика од опозициите во овие земји, не ја поддржува државата во клучните национални прашања.
– Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие. Кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас – изјави Мицкоски.
Тој ја критикуваше и претходната власт, оценувајќи дека не успеала да обезбеди национален консензус за важните државни прашања.
– Претходната влада беше во очајна состојба и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија само за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа и ги испратија во опозиција – рече премиерот.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со спроведување на реформите предвидени во Планот за раст и со мерки за економски развој.
– Никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние ветуваме напорна работа и работиме. Македонија забрзува и Македонија ќе победи – истакна тој.
Осврнувајќи се на најавената реконструкција на Владата, премиерот рече дека разговорите со коалициските партнери ќе започнат по одбележувањето на 36-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се одржи на 17 јуни во Струмица.
Тој не откри детали за обемот на реконструкцијата, но најави дека фокусот ќе биде ставен на нејзината содржина.
– Веќе од следниот ден ќе почнеме разговори со владините партнери околу реконструкцијата. Повеќе би се задржал на содржината отколку на обемот. Станува збор за денови. Да ги отпочнеме разговорите, а потоа ќе можеме да зборуваме за повеќе детали – изјави Мицкоски.


































