Тутунарите во текот на денешниот и утрешниот ден ќе ги добијат субвенциите во вкупен износ од две милијарди денари, иако законскиот рок за исплата е до 30 јуни, соопшти премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Битола, каде што во индустриската зона Жабени се отвора нова фабрика.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека Владата во 2024 година затекнала и исплаќала заостанати субвенции уште од 2021 година, додека сега, како што рече, веќе се реализираат тековните исплати за 2025 година.
– Ако се собере вкупниот број на исплатени субвенции од Владата на СДСМ и ДУИ во периодот 2021, 2022 и 2023 година, како директни плаќања и поддршка преку Програмата за рурален развој, ќе се дојде до сума помала од 14 милијарди денари. Оваа Влада за две години има исплатено околу 15 милијарди денари, односно една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години – рече Мицкоски.
Тој посочи дека се забележува значителен напредок и во откупната цена на тутунот.
– Пред четири години тутунот се откупуваше за околу 150 денари по килограм, а денес се потпишуваат договори за откуп по цена од 450 денари за килограм – изјави премиерот.
Според него, зголемено е и производството на тутун.
– Тогаш имавме 16 до 18 милиони килограми тутун, а сега имаме меѓу 26 и 28 милиони килограми – додаде Мицкоски.
Премиерот ја обвини опозицијата дека се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците со, како што рече, неточни тврдења.
– Секогаш сакам да зборувам со бројки, а не со конструкции. За жал, очајната опозиција која нема идеи се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците. Ние мораме да продолжиме напред, а Македонија мора да забрзува – порача Мицкоски.


































