Доц. д-р Љупчо Јаневски,
Универзитет „Скопје“
- Авиосообраќајот се очекува да влезе во зона на турбуленции поради очекуваната криза со авионско гориво. Во ваква предвидлива ситуација е потребно активирање кризен менаџмент. Алармот кај нас е вклучен со укинување некои важни дестинации, како таа кон Франкфурт. Годинава се очекува кремот да го лапнат Хрватска и Црна Гора. Нас може да нѐ спасат регионалните гости што ќе сакаат да ги избегнат новите гранични политики на ЕУ
Летната сезона е на прагот. И покрај сите турбуленции на светската сцена со нестабилните нафтени деривати, можната криза со авионското гориво, особено по најавата на Русија за забрана за продажба на керозин, и зголемените цени на авиобилетите, туристичката индустрија и во 2026 година глобално ќе забележи раст. Туристичките текови никогаш не застануваат туку се прелеваат од една во друга дестинација и зависат од голем број фактори, кои не секогаш можат да бидат менаџирани од дестинациите. На вака нестабилниот туристички пазар најдобро ќе се постават дестинациите што имаат развиен кризен менаџмент и многу брзо можат да ги ревидираат стратегиите на среден рок, што зависи од професионалноста и изградената структуралност во дестинацијата. Генерално, европскиот континент повторно ќе биде посетен со повеќе од 52 отсто од вкупниот број на патувања во светски рамки, со забрзан раст поради кризата на Блискиот Исток, атрактивноста на медитеранските земји и историјата на градовите, што е магнет за туристите, пред сѐ, од азиските земји.
Во ваква атмосфера во Јадранскиот Регион најмногу ќе профитираат Хрватска и Црна Гора, кои развиваат туристички производи за туристи со подлабок џеб, и нивните очекувања со сигурност ќе бидат надминати во овие дестинации. Токму овие две дестинации отворија најмногу работни места и инвестиции во туризмот пред оваа сезона, подготвувајќи се за зголемен број туристи и остварени ноќевања. Другите дестинации, како Србија, Албанија, Косово и БиХ, ќе имаат умерен раст, кој ќе зависи од мерките што ќе ги преземат владите за стимулирање на домашните туристи. Една од мерките на Косово е стимулација со субвенции за авиокомпаниите со кои ќе патува нивната дијаспора, со што директно влијаат на бројот на патници на приштинскиот аеродром. Србија продолжува со практиката за издавање ваучери за развој на планинскиот и бањскиот туризам, што покажа позитивни резултати за задржување и раст на домашните туристи и полни хотели, пред сѐ надвор од сезоната. Албанија продолжува со мерката за субвенционирање авиолетови и дополнителни поволности за авиокомпаниите во корелација со максимално отворање на државата и издавање туристички визи за голем број дестинации. Босна и Херцеговина од оваа година воведува модел на субвенционирање на странските туроператори во соработка со домашните, со што дирекно влијае врз развојот на секторот и ги зајакнува домашните туроператори за работа со дојдовен туризам.
Состојбата во Македонија за претстојната летна сезона најмногу ќе зависи од авионските компании што ја сервисираат дестинацијата. Доколку ги анализираме, ќе видиме дека, и покрај отворањето нови авионски линии на една нискобуџетна компанија, компаниите „Ер Балтик“ со линијата Рига-Скопје, „Трансавија“ со линијата Амстердам- Скопје не летаат од крајот на 2025 година, „Луфтханза“ се повлекува со линијата Франкфурт-Скопје, додека „Кроација ерлајнс“ ги намалува операциите за Скопје, тие се сериозен удар за туристичката сезона во 2026 година. Намалувањето на дестинациите ги намалува можностите за туроператорите да закупат седишта и да постават аранжмани за дестинацијата, знаејќи дека нискобуџетните компании работат дирекно со патниците и онлајн. Оваа моментална состојба не може да се поправи со моделот на субвенционирање, кој е недоволно флексибилен за ваков тип на состојби во туристичката индустрија, додека поради кризата со авионското гориво може да дојде до намалување и на чартер-летовите што беа потврдени во 2025 година. На оваа состојба и намалениот број на резервации пред сезоната низ повеќе настапи укажуваат и преставниците на ХОТАМ, делејќи ја загриженоста и надевајќи се на резервации од индивидуални патници во последен момент. Очигледно оваа летна сезона ќе ја спасуваат регионалните гости што нема да сакаат да чекаат за влез во Европската Унија или буџетот за летен одмор им е ограничен и поради поволните цени ја одбираат нашата дестинација. Патувањата ќе се одвиваат најмногу со автобуски превоз, кој ќе ја оптовари дополнително кревката инфраструктура со дополнителни сообраќајни грижи за локалните власти и менаџирање на сообраќајот во дестинациите. Планирањето на човечките ресурси ќе биде тешкотија за туристичките работници, што во шпицот на сезоната создава критични точки во услугата и задоволството кај туристите, а сезоната ќе биде кратка, со висок врв околу илинденските празници. Што повеќе да се каже освен дека во македонскиот туристички сектор нѐ очекува „долго топло, но и сушно лето“.


































