Фото.: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Односите меѓу Македонија и Турција ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува, порача премиерот Христијан Мицкоски по билатералната средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски истакна дека на средбата била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави, која се темели на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.

 – Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната – наведе Мицкоски.

Премиерот ја нагласил важноста на Турција како значаен економски и политички партнер на земјата, посочувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за привлекување нови турски инвестиции и отворање работни места.

Од своја страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за натамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.

На средбата биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што двајцата соговорници ја истакнале потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.

 – Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува – наведува Мицкоски во објавата.