Фото: „Нова Македонија“

Европската комисија ќе предложи покренување постапка за прекумерен дефицит против Бугарија, откако оцени дека земјата не ги исполнува фискалните критериуми пропишани од Европската Унија, пренесе МИА.

Ова го потврди еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис по состанокот на Советот за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН) во Луксембург.

Според Домбровскис, Европската комисија извршила анализа на буџетската состојба во неколку земји-членки и утврдила дека Бугарија не ги исполнува барањата поврзани со буџетскиот дефицит.

Согласно правилата на Европската Унија, постапка за прекумерен дефицит може да биде покрената доколку буџетскиот дефицит на една држава надмине три проценти од бруто домашниот производ (БДП), а јавниот долг достигне ниво над 60 проценти од БДП.

Доколку постапката биде официјално отворена, на Бугарија ќе ѝ биде оставен рок за преземање корективни мерки со цел дефицитот да се врати во дозволените рамки. Во случај земјата да не ги исполни препораките на Европската комисија, можно е воведување и финансиски санкции.

Предлогот на Европската комисија во наредниот период ќе биде разгледуван од земјите-членки на Европската Унија, кои ќе треба да донесат конечна одлука за понатамошните чекори во постапката.