Фото: Пиксабеј

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (22)

Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

И покрај децениската неефикасност, стерилизацијата и кастрацијата сè уште се претставуваат како главно, а честопати и единствено решение за контрола на бездомната популација на кучиња и мачки. Оваа мерка одамна престана да биде само една од алатките за управување со популацијата и стана замена за цел непостоен систем. Систем што не само што не е доведен во прашање поради отсуството на резултати туку сега се предлага негово проширување и врз популација што не е дел од бездомната — домашните миленици.
Притоа се занемарува фактот дека милениците, иако припаѓаат на истиот вид, претставуваат посебна етолошка и биолошка категорија животни, за кои постои јасно утврдена индивидуална одговорност на сопственикот. Се создава впечаток дека доколку се оперираат секое здраво куче и мачка во урбаните средини, проблемот со бездомната популација автоматски ќе исчезне. Во исто време, речиси никој не зборува за фактот дека во перифериите на градовите, околу депониите и на другите жаришта каде што има изобилство од смет и достапни извори на храна, бездомните популации продолжуваат да се размножуваат без контрола. Тука се појавува и главниот парадокс на целиот пристап: наместо да се идентификуваат и третираат изворите на проблемот, се интервенира врз голем број домашни кучиња што никогаш нема да станат дел од уличната популација, ниту пак нивните потомци би можеле да преживеат без човечка грижа.
Станува збор за животни што се создадени да живеат со човек, а не сами надвор. Во оваа група спаѓаат мали раси како ши цу, малтезер и померанец, но и големи и работни раси. Надвор од контролиран услов тие не се рамноправни во улични глутници. Тешко доаѓаат дури и до храна што одговара на нивниот чувствителен метаболизам, а уште помалку до услови за долгорочен опстанок. Тие единки тешко се прифаќаат и снаоѓаат во група кај која не ги познаваат основните кодови на однесување, а никогаш не стануваат доминантни. Без можност за сопствен опстанок, секако дека размножувањето е невозможно. Тоа е биолошка реалност, не прашање на мислење.
Во тој контекст, во дел од Европа постои јасен принцип: здраво животно не се менува без причина. Во земји како Норвешка, интервенции врз здрави животни без медицинска потреба се силно ограничени. Идејата е едноставна — ако нема здравствена причина, нема ни хируршка интервенција.
Сепак, вистинскиот проблем не е недостиг од мерки, туку нивно неспроведување. Во Македонија веќе одамна постојат закони и системи: микрочипирање, регистрација, контрола на размножување, казни за напуштање и програми за намалување на бездомната популација. Прашањето не е што недостига, туку зошто тоа што постои не се спроведува доследно — особено во селата, руралните средини, бачилата и перифериите, каде што најчесто настануваат нови легла. Во исто време многу поголем изворен проблем останува надвор од фокусот — отпадот. Отворени контејнери, диви депонии, остатоци од храна, пазари и индустриски зони, несовесни граѓани создаваат постојан извор на храна. Иако за тоа редовно се добиваат забелешки од европски претставници и институции, ова прашање кај нас сè уште не е поставено како приоритет број еден. А токму тој систем, покрај загадувањето на почвите, водите и воздухот, претставува најголем производител и одржувач на популации од кучиња, мачки, стаорци, гулаби и врани, бидејќи им обезбедува неисцрпен извор на храна. Сè додека постои тој извор, таа популација ќе се обновува и ќе расте, без разлика на бројот на интервенции, особено доколку се погрешно насочени кон чипирани миленици на одговорни сопственици.

Тука се јавува и голема забуна околу поимот „сопственик“. Сопственик не е секој што храни куче, ниту секој што чува слободно животно „во двор“ без чип и без регистрација. Без официјална евиденција не постои реална правна одговорност ниту систем што може да следи што се случува со животното. Најчесто токму оние што се најодговорни се најмногу оптоварени. Тоа се луѓе што ги чипираат кучињата, редовно ги вакцинираат, плаќаат ветеринарна грижа, користат груминг-услуги, хотели за миленици и ги почитуваат сите правила. Тоа се истите граѓани што веќе функционираат во систем што може да се контролира. И токму врз нив паѓаат новите обврски. Казнети се за својата индивидуална одговорност.
Во исто време постојат голем број животни што не се видливи за системот. Тие не се регистрирани, не се контролирани и не се дел од никаква статистика или надзор туку дел од слободноживеачка популација стимулирана од несовесни граѓани. Иницијативата за стерилизација на расни домашни мачки и кучиња што живеат под постојан надзор на сопственикот е сличен потег како да се носат мерки кон аквариумски риби за да се подобри состојбата со охридската пастрмка. Иако припаѓаат на сличен биолошки свет, тие немаат никакво меѓусебно влијание. Тоа се две популации, етолошки и биолошки поделени. Дополнително, и самата структура на бездомната популација во урбаните средини е сосема различна од онаа на домашните миленици. Овчарската и ловечката типологија што се среќава во уличните глутници во градови како Скопје, вклучувајќи и во општини како Карпош, воопшто не личи на типологијата на салонските, расни кучиња што се чуваат во истите тие населби. Станува збор за различни форми на селекција, различно однесување и различна способност за преживување, кои не можат да се стават под ист биолошки и популациски модел. Тоа повторно покажува дека различни популации се третираат како една иста целина, иако тоа не е точно. Затоа суштината на проблемот не е само во животните туку и во системот што ги создава условите за нивно постоење.
Во работните групи што предлагаат решенија недостигаат профилите што најдобро ја разбираат оваа проблематика: етолози, кинолози, популациски биолози и особено еколози специјализирани за управување со отпад. Бездомната популација не е само ветеринарно прашање туку и прашање на однесување, екологија, достапност на ресурси, демографија на популации и управување со животната средина. Сосема е природно ветеринарниот доктор првенствено да размислува низ призмата на здравјето и хируршките интервенции, бидејќи тоа е неговата област на експертиза. Но кога сложен општествен и еколошки проблем се разгледува исклучиво низ една професионална перспектива, постои ризик една алатка да биде претставена како целосно решение. Во такви околности, стерилизацијата и кастрацијата лесно можат да прераснат од корисна мерка во замена за поширок систем на контрола, мониторинг, управување со отпад и спроведување на законите. На крајот, ова не е прашање на хирургија. Ова е прашање на ред, контрола и примена на постојните правила.

Илија Петковски