Класика меѓународен фестивал Струмица 2026
Како и секоја година, и годинава во програмата на „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“ беше предвиден концерт со изведба на хорска музика, што полека станува традиција. Во прекрасниот амбиент на Светиот храм „Св.Петнаесет тивериополски свештеномаченици“ во Струмица се одржа воодушевувачки концерт на камерниот женски хор „Керамија“. Концертот се слушаше со уши и срце.
Започна со композицијата „Достојно ест“ од Григориј Протопсалт, црковна композиција посветена на Богородица. Таа има свечен и молитвен карактер и е една од најпознатите православни духовни песни. Интонативната прецизност и кристално чистите хорски гласови ја восхитија публиката и следуваше громогласен аплауз. Втората композиција „Агни Партене“ од Св.Нектариј Егински е духовна химна во чест на Пресвета Богородица. Мелодијата е мирна, возвишена и исполнета со длабока побожност. Третата композиција „Оче наш“ е аранжман на Гоце Секуловски, музичка обработка на Господовата молитва. Композицијата носи чувство на смиреност, вера и молитвено расположение. Следната композиција што беше изведена е „Тебе појем“ на Стефан Мокрањац. Ова е едно од најубавите дела на православната хорска музика. Се одликува со свеченост, топлина и духовна длабочина. Гоце Секулоски повторно беше застапен со негов аранжмана на композицијата „Исаије Ликуј“, радосна духовна песна што го слави божјото дело и носи празнично расположение. Шестата композиција „Свјати маченици“, повторно во аранжман на Гоце Секуловски, е композиција посветена на светите маченици и има достоинствен и молитвен карактер. Композицијата „Слава тебе Христе Боже“, аранжман Гоце Секуловски, е всушност пофална песна посветена на Христос, исполнета со благодарност и духовна возвишеност. Следната композиција „Богородице“ од А. Архангелски е нежна и молитвена композиција во чест на Пресвета Богородица, со богата хорска хармонија, која хорот ја изведе многу впечатливо. Како деветта композиција беше изведена познатата „Аве Марија“ од Томас Луис де Викторија, позната католичка духовна композиција посветена на Дева Марија. Таа се одликува со мирна и возвишена атмосфера и во црковниот храм прозвуче автентично. Потоа следуваше композицијата „Херувимска песна“ од Д. Бортњански, свечена литургиска композиција што создава чувство на величественост и духовна возвишеност. Потоа беше изведена композицијата „Уби Каритас“ од Ола Ѓиеило, современа духовна композиција чија порака се љубовта, добрината и единството меѓу луѓето, која е доста интересна за слушање и прозвуче убаво. И за крај хорот „Керамија“ настапи со композицијата „Слава Оцу и Сину“ од Д. Бортњански, свечена пофална песна посветена на Света Троица, со богат и впечатлив хорски звук што во овој прекрасен храм прозвучи со ангелска убавина.
Овој концерт обедини православна и западна духовна музика, претставувајќи дела од различни епохи и композитори, поврзани преку темите на верата, молитвата и духовната убавина. Струмичката публика ги награди прекрасните хористки со громогласни аплаузи по секоја изведена композиција. Сите си заминаа духовно побогати и со желба ваквите концерти да останат традиција во нашиот град, бидејќи се насушно потребни. Вистински празник за уши и срце!

































