Фото: Дарко Андоновски

Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје предупредува дека такси-дејноста во главниот град се соочува со сериозни и долгогодишни проблеми и апелира до надлежните институции итно да преземат мерки за нивно надминување.

Оттаму велат дека веќе девет години се наталожуваат нерешени прашања кои директно влијаат врз работата на такси-превозниците, безбедноста на патниците и начинот на наплата на услугите.

-И покрај бројните укажувања и иницијативи, институциите сѐ уште немаат реагирано за надминување на проблемите – соопштија од Групацијата, посочувајќи дека на 17 февруари годинава доставиле барања и предлози до Град Скопје, а на 19 минатиот месец и до Владата.

Според нив, граѓаните се жалат на недостиг од такси-возила, диво штелувани таксиметри и непријавени возачи, додека на терен, како што велат, функционираат и диви такси-превозници без лиценци.

Истовремено, тие реагираат на одлуката на Град Скопје да не издава и продолжува лиценци за такси-возила постари од 2011 година.

-Ова значи дека стотици возила нема да можат да работат. Наместо старосна граница, како критериум треба да се применуваат еколошките стандарди, како што е случај во европските земји. Баравме да се исфрлат возилата со Еуро 1, Еуро 2 и Еуро 3 стандарди, но да се даде разумен рок од една година за прилагодување – наведуваат од Групацијата.

Тие тврдат дека ваквиот пристап ќе ги принуди дел од таксистите да изнајмуваат возила од неколку поголеми компании, поради што најавуваат протести во координација со Синдикатот.

-Револтот кај таксистите е голем. Во постојан контакт сме со Синдикатот и деновиве ќе бидат договорени датумот, местото и начинот на протестот, за што јавноста ќе биде навремено информирана – се наведува во соопштението.

Во барањето до Владата, Групацијата бара измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои повторно би се вовела обврска секое такси-возило да има најмалку еден вработен возач, како што било пред законските измени во 2018 година.

Тие предлагаат и поголеми овластувања за сообраќајните инспектори на Град Скопје, кои би можеле на терен да проверуваат дали возачите се пријавени, дали таксиметрите се правилно штелувани и дали поседуваат соодветни сертификати.

Од Групацијата бараат и засилени контроли од Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, со цел откривање непријавени возачи, контрола на таксиметрите и проверка на работењето на такси-компаниите.

Според нив, сегашната состојба создава нелојална конкуренција и ги става во нерамноправна положба превозниците кои редовно ги пријавуваат своите вработени и ги плаќаат законските обврски.

-Ограничувањето од 15 години е неправедно и нереално. Еуро-стандардот е вистинскиот показател за загадувањето, а не годината на производство. Добро одржувано возило од 2006 година може да загадува помалку од лошо одржувано возило произведено во 2016 година – наведуваат од Групацијата на автотакси превоз.