Не може да има договор за следниот долгорочен буџет на ЕУ оваа година без договор за новите даноци, им порача на 27-те национални лидери претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, објавува „Еурактив“. Кошта напиша формално писмо со покана до лидерите што ќе одат во Брисел на 18 и 19 јуни, за да продолжат со работата на предлогот за седумгодишен буџет на ЕУ вреден речиси два билиона (илјада милијарди) евра.
– Треба да ја фокусираме нашата дискусија на клучните елементи за да го олесниме постигнувањето договор до крајот на годината. Ова вклучува напредок во новите сопствени ресурси, што ќе биде одлучувачко за усогласување на нашите амбиции со потребните средства – напиша Коста во писмото од 10 јуни.
Зголемувањето на новите даноци, познати во жаргонот на ЕУ како „сопствени ресурси“, е еден од најконтроверзните елементи на планот на Комисијата, кој веќе беше нападнат од бранителите на традиционалните приоритети за трошење, од фондовите за регионален развој до земјоделските субвенции.
Во предлогот се наведува дека Брисел би можел да собира 58 милијарди евра годишно преку промени во царинските приходи и постојните зелени даноци, данок на тутун, данок на е-отпад и корпоративна давачка. Но напредокот е во застој, а лидерите на ЕУ побараа од Комисијата да ги процени дополнителните предлози дадени од Европскиот парламент. Комисијата очекува предложениот дигитален данок на Парламентот, наметнат на онлајн коцкање и криптосредства, да собира околу 13 милијарди евра годишно.
Франција одбива да се согласи со буџет без големи нови даноци, додека земји како Шведска и Германија – познати како штедливи – не ги сакаат. Кошта врши притисок врз лидерите, добро знаејќи дека следната година блокот го очекуваат низа национални избори, од Франција до Шпанија и до Полска. Претставниците на ЕУ се загрижени дека темата за придонесите во буџетот на ЕУ би можела да се вплетка во националната кампања. Р.С.

































