фото: Народен театар - Битола
Две претстави се вечерва на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“. „Едмонд“ на Народниот театар од Битола во режија на Оливер Мицевски, во официјална конкуренција е од 19 часот на сцената од ЦК „Марко Цепенков“. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Благој Мицевски, а музиката – на Марјан Неќак. Играат: Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска Јанкуловска и Маја Андоновска Илијевски
Од 21 часот на сцената 105 во Центарот за култура ќе настапи Театар „Златен Елец“ од Скопје, со претставата „Сина сенка“. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстојуваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
Претходно од 17 часот  ќе с еодржи панел дискусијата „На работ зад сцената: менталното преживување во театарот“. Модератор ќе биде режисерот Милош Б. Андоновски, а ќе учествуваат: Сања Стефановиќ – психолог и психотерапевт, Марко Трајковиќ – актер, Петар Антевски – продуцент и Ангела Стојановска – актерка.
– Темата на менталното здравје никогаш не била поактуелна од денес, и тоа е за пофалба. На социјалните мрежи, на медиумите, во секојдневните разговори, во училниците и предавалните – сè поотворено се разговара за менталното здравје, за работата на себе и за одењето на психотерапевт.Панел-дискусијата ја отвора истата тема, ставајќи ги во фокус театарските уметници, најверојатно на најзначајното место и најзначајниот момент за нив – на јубилејното 60. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Треба ли театрите да имаат вработен психолог? Кои би биле придобивките од тоа? Кои се менталните борби и предизвици на вработените и на невработените театарџии од апскет на психолошката рамнотежа, и на приватното, и на професионалното поле? Барањето на одговорите на овие прашања се од исклучително значење за театарската сфера зашто за прв пат, отворено, ќе се прогори и за прашања поврзани со депресијата, користењето на наркотични средства и суицидите во театарската фела – велат од фестивалот.
Инаку, денсе се одржаа разговорите на тркалезна маса з апретставата „Страв и надеж„ во режија на Тања Мандиќ, на Македонскиот народен театар Скопје, при што беше посочено дека е храброст денес да се постави текстот на Крец, а режисерката ја истакна реакцијата на публиката.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, најави дека од први септември, во МНТ ќе почне да работи режисерот Слободан Унковски, кој ќе го постави текстот „Црно злато“ од Дејан Дуковски, автор во фокус на фестивалот.
Ка.М.