Со изведување материјални докази од Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителството презентира докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити солушнс“, а се однесуваат на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс”, планот за надзор и на преземени и непреземени обврски.
Во судницата беа презентирани дозвола за работа на „Рубикон“ и листата на вработени, од која, како што посочи Обвинителството, се гледа дека во агенцијата биле вработени Јане Јанчевски, Мартин Георгиев, Лазар Захариев и Стојанчо Димитриев. Георгиев, Захариев и Димитриев имале лиценца за обезбедување, а лицето Ивица Грозданов – не.
Обвинителството изведе и фотодокументација и докази обезбедени од претресот на канцеларијата на „Рубикон“ и одземената документација.
На почетокот судот до Обвинителството достави предлог од одбраната на обвинетите на Александар Нацев и Јане Јанчевски да не се изведуваат доказите што произлегуваат од изготвена анализа за присуство на метаболити во крвта и урината кај обвинетите како незаконити и нерелевантни.
Одбраната реагира дека имајќи предвид оти овој доказ засега во приватната сфера на обвинетиот и прашањето е зошто е релевантно да се изведе таков доказ обезбеден три месеци по критичнит настан, со оглед дека Нацев не бил на место на настанот во критичниот момент.
– Се противам на изведувањето овој доказ како ирелевантен за предметот и не утврдува факти релевантни за кривично-правниот настан – изјави адвокатот на Нацев.
Обвинителството посочи дека овој доказ е обезбеден со наредба на ОЈО Скопје и е доставено до ОЈО Кочани со писмен допис од 27 јуни 2025 година и е предложен во листата на докази за обвинетиот Александар Нацев.
– Овој доказ е обезбеден на законит начин и е предложен со доказите за обвинението против Александар Нацев – образложи Обвинителството.
Судот побара да се продолжи со изведување други докази по што ќе се произнесе за и по нивното изведување.
На почетокот обвинетиот Шабан Салиу, ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување, изведе забелешка по изведените докази на минатото рочиште посочувајќи дека не бил изведен ниеден доказ од кој произлегува дека тој како директор на ДЗС во периодот 2012 – 2017 година можел да претпостави и се согласил дека во објектот на дискотеката „Пулс“ на 16 март ќе се случи настанот за кој е обвинет.
– Од изведените докази произлегува дека инспекциската контрола можела да врши исклучоци врз објекти за кои ДЗС била известена дека постојат. ДЗС не била известена дека објектот „Пулс“ постои. Од ниеден доказ не произлегува дека директорот на ДЗС во периодот 2012 – 2017 година имал законска обврска што изречно го обврзува да распореди инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани – изјави Салиу.
Адвокатот на Аднан Џаферовски изјави дека сето тоа што го кажал Салиу важи и за него како обвинет и е точно од збор до збор, само перидот е од 2017 до 2021 година.
Судењето се наоѓа во доказна постапка со изведување материјални докази од Обвинителството.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Извор: МИА


































