СВЕТСКАТА КАРАТЕ-ЕЛИТА ВО РАБАТ

  • Очекувам нашите претставници уште еднаш да покажат дека припаѓаат во самиот врв на светското карате и достојно да ги претстават Македонија, својот клуб и македонскиот спорт, вели селекторот Кузмановски

Во Рабат (Марко) од утре до недела на едно место ќе бидат собрани најдобрите каратисти на светот, за четвртата и последна Премиер-лига за сезоната 2025/2026, најпрестижното натпреварување во светското карате, на кое настапуваат најдобрите 32 каратисти во своите категории. По турнирите во Истанбул, Рим и во Лешан, светскиот карате-крем ќе се собере во Рабат на големото финале на сезоната, каде што покрај медалите и вредните ранг-поени, од кои зависат пласманите за Светското првенство (СП) и на Европските игри (ЕИ), ќе се решава и прашањето кој ќе ја освои престижната титула „Голем победник“ во својата категорија.
Боите на Македонија ќе ги бранат двајца претставници на ова елитно натпреварување, а тие доаѓаат од КК Олимпик спорт 2007 од Скопје, Матеј Белистојаноски (категорија до 67 кг), кој е 19-ти на светската ранг-листа, и Вероника Костовска (до 61), која е 36-та во светот. Двајцата европски шампиони, долгогодишни државни прваци и освојувачи на медали од престижни европски и светски натпреварувања, ќе ја имаат честа да ја претставуваат Македонија на највисокото ниво.
– Двајцата македонски репрезентативци веќе оставија силен белег во текот на сезоната. Костовска на првиот турнир во Премиер-лигата во Истанбул го освои високото седмо место, а Белистојаноски во Рим стигна до извонредното петто место, што е најдобар пласман на македонски каратист во историјата на Премиер-лигата според сегашниот формат на натпреварување. Самото присуство во светската елита е доказ за континуитетот, квалитетот и посветената работа на македонските каратисти и нивниот клуб Олимпик спорт 2007, кој со години создава врвни спортисти и успешно ја претставува Македонија на најголемите светски натпреварувања.

Очекувам нашите претставници уште еднаш да покажат дека припаѓаат во самиот врв на светското карате и достојно да ги претстават Македонија, својот клуб и македонскиот спорт. Им посакувам успешни настапи, многу спортска среќа и нови историски резултати за македонското карате – вели нивниот клупски тренер и селектор на сениорската репрезентација на Македонија во борби, Александар Кузмановски.
Зад секој успех на овие двајца македонски карате-амбасадори стојат безброј часови напорни тренинзи, многу откажувања, жртвувано слободно време и огромна љубов кон спортот и татковината. Нивниот пат е доказ дека талентот сам по себе не е доволен, туку потребни се истрајност, карактер и непоколеблива верба во сопствените можности.
– Чувствуваме позитивен притисок. Одговорноста да бидеш единствен претставник на Македонија на вакво елитно натпреварување не е мала. Свесни сме дека очите на спортската јавност се вперени кон нас, но тоа не нѐ плаши. Напротив, ни дава дополнителен мотив. Имаме искуство и медали од вакви силни натпревари и се надеваме дека повторно ќе ја израдуваме македонската јавност – во еден глас порачуваат Костовска, која во 2015 година во Швајцарија стана европска шампионка во кадетска конкуренција, и Белистојаноски, кој годинава во февруари стана европски шампион во младинска конкуренција (до 21 година) во Кипар. Г.И.