Фото: Илинден Тирана

Во рамките на 29-от Семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, организиран од Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во соработка со Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, беше одбележан значаен јубилеј – 30 години од формирањето и дејствувањето на Работната група на словенските малцинства (АГСМ).

Централно место во програмата имаше свечената гала-вечера, на која претставници на словенските малцинства од повеќе европски земји заеднички го прославија тридецениското постоење на групата. Настанот беше исполнет со дух на заедништво, соработка и почит кон богатото културно наследство на словенските заедници во Европа.

Фото: Илинден Тирана

Посебна вредност на свеченоста ѝ даде настапот на македонската музичка група „Бајрами“ од селото Орешек, област Гора. Со автентични изведби на традиционални песни и препознатливи музички мотиви од Гора, тие ја воодушевија публиката и на достоинствен начин ја претставија македонската култура, традиција и фолклорно богатство од овој крај.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на културната дипломатија како средство за поврзување на заедниците и зацврстување на меѓусебната соработка, како и значењето на заедничките напори за зачувување, афирмација и промоција на националниот и културниот идентитет на словенските малцинства во Европа.