Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонија е заложник на некоректна и непринципиелна блокада на својот европски пат, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Софија, нагласувајќи дека од актуелната состојба губат и двете држави, како и нивните граѓани, пренесе МИА.

Муцунски, кој учествуваше на министерскиот состанок на Партнерството за соработка во Југоисточна Европа, истакна дека најлесниот начин за надминување на отворените прашања е Бугарија да дозволи започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.

-Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави, кога се создава ваков тип на недоверба – рече Муцунски.

Тој повтори дека Владата не е подготвена да преговара за прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историјата, оценувајќи дека тие не треба да бидат дел од европскиот интегративен процес.

Во рамки на посетата на Софија, Муцунски ја придружува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на билатерална средба со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Шефот на дипломатијата оцени дека меѓу двете земји постои висок степен на недоверба и дека е неопходно да се работи на создавање позитивна атмосфера и меѓусебно разбирање.

-Наместо да се фокусираме на минатото и на прашања поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, треба да се насочиме кон она што е важно за двете држави – заедничката иднина во Европската Унија – порача Муцунски.

Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Партнерството за соработка во Југоисточна Европа, тој истакна дека проширувањето на Европската Унија повеќе не е само технички процес, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.

Според Муцунски, кредибилноста на процесот на проширување треба да се темели на почитување на спроведените реформи и постигнатите резултати, а не на дополнителни условувања.

Тој оцени дека Европската Унија отвора значајна можност за земјите од Западен Балкан, но дека приоритет треба да имаат државите кои ги исполнуваат реформските критериуми и имаат целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со Унијата.

-Од таа гледна точка, нашата држава е модел земја, која спроведува европски реформи и е предвидлив и кредибилен партнер во надворешната и безбедносната политика – истакна Муцунски.

Партнерството за соработка во Југоисточна Европа годинава одбележува 30 години од своето формирање и обединува 13 држави од регионот и пошироко.