Во Прилеп
Деновиве во градот под Марковите Кули се одржа манифестацијата „Кога зборува Рацин, зборува Македонија“, чиј домаќин беше прилепското основно училиште „Кочо Рацин“.
Станува збор за второ издание на републичката манифестација „Рацинови денови“, во која годинава учествуваа училиштата од Могила, Дојран, Блатец и Велес, кои со гордост го носат името на македонскиот поет на револуцијата Кочо Рацин. Целта е претставување и оживување на неговото дело меѓу младите.
Учесниците два дена се дружеа и разменуваа искуства, а подготвија и пригодна програма, со која во амфитеатарот во прилепската населбата Варош покажаа дека го разбираат и го вреднуваат Рациновото творештво.
Низ поезија, рецитали, музички точки, туристички тури низ Прилеп и посета на неколку музеи, учениците научија дека Рацин не е само поет туку тој е и гласот на македонската тишина, крикот на македонската мака и архитектот на нашиот современ македонски јазик.
Многубројните гости ги поздрави Јулијана Тренкоска, директорката на училиштето домаќин на манифестацијата.
– Во времиња кога македонскиот јазик беше негиран Рацин застана цврсто и проговори, а светот ја слушна автентичната, непокорна и горда Македонија. Неговото перо стана нашето најсилно оружје, а неговите „Бели мугри“ светлина за цел еден народ. Затоа нашата света должност е да го чуваме тој оган, да ги научиме младите генерации дека да се носи името на Кочо Рацин е огромна привилегија, но уште поголема обврска. Тоа значи да се бориме за вистината, да се негува македонскиот јазик и со знаење да се гради иднината на земјата – истакна директорката Тренкоска.
Според учениците, овој настан бил исклучително инспиративен за нив и се создале нови пријателства, а со нас споделија дека ќе понесат убави моменти, кои ќе им останат во трајно сеќавање.
Ка.М.


































