ЏУДО – БАЛКАНИЈАДА ЗА ДЕЦА ДО 14 ГОДИНИ ВО БИТОЛА
Македонскиот џудист, репрезентативец и член на ЏК Миоки од Скопје Виктор Трчков оствари голем успех на Балканското првенство (БП) за деца до 14 години, кое викендов се одржа во Битола, а во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Трчков во тежинската категорија до 66 кг освои бронзен медал, со што уште еднаш го потврди својот квалитет на големата балканска сцена. Тој стигна до медалот забележувајќи четири победи и еден пораз, и тоа од балканскиот шампион.
– Како негов клупски тренер, многу сум горд што нашиот репрезентативец и член на ЏК Миоки ја одбрани честа на македонското џудо, освојувајќи го единствениот медал за нашата џудо-федерација како организатор на ова Балканско првенство – изјави тренерот Игор Паскоски.
Одличен настап на Балканијадата во Битола имаше и Енил Ајдиноски, кој дојде до борба за бронза. Иако не успеа да освои медал, со освоеното петто место тој покажа голема борбеност, карактер и потенцијал за идни успеси. И двајцата најдобропласирани македонски џудисти заслужија честитки за вложениот труд, посветеност и достојното претставување на Македонија во конкуренција на повеќе балкански џудо-федерации, што само претставува уште еден показател дека македонското џудо со засилено темпо чекори напред.
На Балканијадата македонските репрезентативци ги предводеше селекторот Марин Биљаноски, му помагаше тренерот Ѓорѓија Стојанов, а спортските активности ги координираше спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски. Г.И.

































