Кинескиот претседател Си Џипинг изјави дека односите меѓу Кина и Северна Кореја влегуваат во „ново историско поглавје“, во пресрет на неговата посета на Пјонгјанг и средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Во порака објавена во севернокорејскиот весник „Родонг Синмун“, Си нагласи дека Пекинг останува посветен на продлабочување на врските со Северна Кореја и на зајакнување на соработката во различни области.
– Треба заеднички да се спротивставиме на хегемонијата, авторитаризмот и сите обиди за оживување на милитаризмот што ја загрозуваат регионалната безбедност и стабилност – порача кинескиот претседател, пренесе МИА.
Си денеска пристигна во дводневна посета на Северна Кореја, негова прва по седум години. Во Пјонгјанг допатува со висока државна делегација, а посетата се смета за значаен дипломатски потег насочен кон дополнително зацврстување на билатералните односи меѓу двете соседни земји.
Аналитичарите оценуваат дека средбата меѓу Си и Ким се одржува во период на зголемени геополитички тензии во Источна Азија и може да има важни импликации врз безбедносната и политичката состојба во регионот.


































