Шест лица беа повредени во напад со нож на железничката станица „Пен“ во Њујорк во неделата вечерта, инцидент што предизвика дополнителна загриженост за безбедноста во градот само еден ден пред почетокот на финалните натпревари од НБА во „Медисон Сквер Гарден“, на кои се очекува присуство и на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Си-ен-ен“.
Нападот се случил околу 19 часот по локално време на влезот од станицата на аголот меѓу Западната 33-та улица и Седмата авенија. Според њујоршката противпожарна служба, повеќе лица биле избодени со нож, по што на местото веднаш пристигнале полиција и итна медицинска помош.
Едно лице се здобило со сериозни повреди, додека четворица други имаат умерени или полесни повреди. Петмина од повредените биле пренесени во болницата „Белвју“, а според службени извори ниту еден од повредите не е опасна по живот. Шестото лице е хоспитализирано во друга болница.
Осомничениот е приведен и се наоѓа во полициски притвор. Според првичните информации, станува збор за лице кое можеби било без постојано место за живеење. Истрагата за мотивите на нападот е во тек.
Сведоци на настанот за локалните медиуми изјавиле дека полицајците употребиле бибер-спреј за да го совладаат напаѓачот.
– Мораа да повикаат дополнителни полицајци за да го стават под контрола – изјавил еден очевидец.
Друг сведок навел дека осомничениот пред нападот бил вознемирен и агресивен.
– Постојано врескаше и се однесуваше чудно. Го забележав претходно, но не помислив дека може да направи нешто вакво – изјавил сведокот.
Инцидентот се случува во време кога безбедносните мерки околу „Медисон Сквер Гарден“ се значително засилени поради финалната серија во НБА. Натпреварите меѓу Њујорк Никс и Сан Антонио Спарс ќе се играат во понеделник и среда, а властите веќе спроведуваат посебен безбедносен план поради најавеното присуство на претседателот Трамп.
Според американските медиуми, мерките вклучуваат дополнителни полициски сили, засилено следење преку безбедносни камери, размена на разузнавачки информации и користење беспилотни летала.
Станицата „Пен“, која се наоѓа непосредно под „Медисон Сквер Гарден“, претставува еден од најважните транспортни центри во САД и секојдневно ја користат стотици илјади патници.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изрази сочувство до повредените и ги пофали службите за брзата реакција.
– Моето срце е со сите повредени, нивните најблиски и сите кои се потресени од ова неприфатливо насилство. Им посакувам целосно и брзо закрепнување на сите жртви – порача Мамдани.
Тој им се заблагодари и на полицијата на „Амтрак“ и на службите за итна помош за нивната навремена интервенција и апсењето на осомничениот.


































