Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе мора да го прифати секој договор што САД ќе го постигнат со Иран, нагласувајќи дека израелскиот лидер „нема никаков избор“.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Трамп посочи дека Вашингтон останува фокусиран на дипломатско решение со Техеран, и покрај најновата ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
Според израелските медиуми, Трамп претходно телефонски разговарал со Нетанјаху. Американскиот портал „Аксиос“ објави дека пред разговорот американскиот претседател најавил оти ќе му порача на израелскиот премиер да не возвраќа на иранските ракетни напади.
До новата ескалација дојде откако Иран истрела ракети кон израелски цели како одговор на израелските напади врз предградијата на Бејрут. Подоцна, израелската армија соопшти дека ракетите биле пресретнати од противвоздушната одбрана и дека засега нема информации за причинета штета.
Во меѓувреме, Техеран порача дека секој долгорочен мировен договор со САД ќе зависи од почитувањето на примирјето во Либан, каде што Израел во март започна операција против борците на Хезболах, организација поддржана од Иран.
Трамп јавно изрази незадоволство и од израелските напади врз Бејрут, оценувајќи дека тие не придонесуваат за тековните дипломатски напори.
– Тоа сигурно нема да им помогне на преговорите. Она што ќе му го предложам на Иран е – ги истрелавте ракетите, доста е. Вратете се на преговарачката маса и склучете договор – изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Според достапните информации, ова е првиот ирански напад врз Израел од стапувањето во сила на примирјето поддржано од САД на 8 април.

































