На Менхетн се прикажа филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, кој е прв македонски филм што имал место на филмскиот фестивал Трибека, Њујорк. Американската премиера на филмот во рамките на фестивалот основан од Роберт де Ниро се одвиваше пред преполна сала и со долга сесија на прашања и одговори, но и пофалби и комплименти за режисерката Дина Дума. Богатата дискусија по проекцијата разви емотивна и прекрасна атмосфера, особено околу прашањата кон Дума за тоа како работела со глумците и како ја постигнала таа автентичност.
Женското дуо режија–продуцент Дина Дума и Лабина Митевска докажа дека македонскиот филм може да биде селектиран на фестивал на кој големите филмаџии сонуваат да бидат. Овој фестивал пулсира со њујоршки дух, урбаност и последни трендови во културата.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Овој филм е втор долгомeтражен игран филм на Дина Дума по „Сестри“. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија „Еуримаж“ и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.