Повод: Конгресот на САД усвои резолуција со која се бара повлекување на американските сили од воените дејства против Иран
- Гласањето за Иран во Претставничкиот дом на САД открива една од најважните вистини за американската демократија, а тоа е дека ниту најмоќниот човек во светот не е посилен од Уставот
Со 215 гласа „за“ наспроти 208 „против“, Претставничкиот дом на САД оваа недела усвои резолуција со која се бара повлекување на американските сили од воените дејства против Иран, освен ако Конгресот не даде експлицитно одобрение за нивно продолжување. Иако шансите оваа иницијатива навистина да го запре американското воено присуство се мали, политичката тежина на гласањето е огромна.
Станува збор за најсериозниот институционален предизвик со кој досега се соочи претседателот Доналд Трамп во врска со конфликтот со Иран, кој започна на 28 февруари годинава. Уште поважно, ова гласање претставува редок и впечатлив пример за функционирањето на еден од најважните механизми на американската демократија – системот на меѓусебна контрола и рамнотежа меѓу „столбовите на власта“!
ВОЈНАТА КАКО УСТАВНО ПРАШАЊЕ
Во европските политички системи често се заборава дека „американскиот Устав со точна умисла ја поделил моќта за „војна меѓу Конгресот и претседателот“. Претседателот е врховен командант на вооружените сили. Тој може да нареди итни воени акции, да реагира на непосредни закани и да управува со воените операции. Но формалното право да објави војна му припаѓа на Конгресот. Токму тука лежи суштината на сегашниот судир. Демократите, но и мал број републиканци, тврдат дека „администрацијата на Трамп ја надминала уставната рамка продолжувајќи го конфликтот без ново и јасно одобрение од законодавната власт“. Белата куќа возвраќа дека претседателот дејствувал во рамките на своите овластувања и дека конфликтот практично е замрзнат поради постојното примирје.
ЗАКОНОТ ОД 1973 ГОДИНА
Корените на оваа битка се наоѓаат во искуството од Виетнамската војна. По долгогодишното американско воено ангажирање во Виетнам, Конгресот во 1973 година го усвои Законот за воени овластувања (таканаречен „War Powers Resolution“). Неговата цел беше да спречи претседателите самостојно да водат долготрајни војни без демократски надзор. Според тој закон, претседателот може да распореди сили во итни ситуации, но ако воените дејства продолжат, мора во рок од 60 дена да добие одобрение од Конгресот. Токму на овој рок се повикуваат поддржувачите на резолуцијата против Трамп. Според нив, американската интервенција во Иран одамна ја преминала границата што ја дозволува законот. Администрацијата, пак, смета дека примирјето ја менува правната состојба и дека рокот не може да се толкува на начин како што прават критичарите.
СИЛАТА НА КОНГРЕСОТ И НЕГОВИТЕ ГРАНИЦИ
На прв поглед, гласањето изгледа како „голема победа на Конгресот“. Но американскиот систем е многу посложен. За резолуцијата да произведе вистински правни последици, таа треба да помине и во Сенатот. Дури и тогаш, претседателот може да стави вето. Тука повторно се гледа логиката на американскиот уставен систем. Ниту една институција не добива апсолутна надмоќ. Конгресот може да усвојува закони. Претседателот може да ги блокира. Конгресот може да го надгласа ветото. Но за тоа е потребно двотретинско мнозинство во двата дома, праг што е намерно поставен многу високо. Во сегашниот политички распоред такво мнозинство изгледа практично недостижно. Затоа и најголемиот број аналитичари сметаат дека резолуцијата има пред сè политичко и симболично значење.
ЗОШТО ТОГАШ ГЛАСАЊЕТО Е ТОЛКУ ВАЖНО?
Одговорот лежи во политичката порака. Ова е првпат од почетокот на конфликтот една ваква мерка да помине во кој било дом на Конгресот по конечна процедура. Претходните обиди завршуваа со тесни порази или блокади. Сега, за првпат, мнозинство пратеници официјално застанаа на ставот дека војната нема доволно демократски легитимитет. Особено е значајно што четворица републиканци гласаа заедно со демократите. Во американската политика ваквите преминувања на партиските линии имаат многу поголема тежина отколку во повеќето европски парламенти. Тие сигнализираат дека несогласувањето со претседателот повеќе не е ограничено само на опозицијата туку почнува да се појавува и во неговиот политички табор.
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ОСТАНУВА НАЈМОЌНА ФИГУРА
Сепак, оваа епизода открива и друга вистина. Американскиот претседател останува извонредно моќна политичка фигура. Трамп успеа да ја започне операцијата, да ја одржува со месеци и да ја брани нејзината законитост дури и откако Конгресот почна отворено да се спротивставува. Тоа не е исклучок во американската историја. Од Кореја и Виетнам, преку Косово, Авганистан и Ирак, па до големиот број операции на Блискиот Исток, американските претседатели постепено ја проширувале својата реална способност да употребуваат воена сила без формална објава на војна. Правниците често зборуваат за „империјално претседателство“! Тоа е поим што ја опишува тенденцијата Белата куќа со текот на децениите да акумулира сè повеќе надворешнополитичка и воена моќ. Токму затоа сегашниот спор е толку значаен. Тој не се однесува само на Иран. Тој е дел од повеќедецениската борба меѓу Конгресот и претседателите околу прашањето кој навистина одлучува кога Америка ќе влезе во војна.
ВИСТИНСКАТА ПОРАКА ОД ВАШИНГТОН
Најголемата лекција од ова гласање не е дали резолуцијата ќе стане – закон. Најважно е што американските институции повторно покажаа дека можат да влезат во отворен судир околу фундаментални прашања од националната политика. Во многу држави извршната власт би го имала последниот збор. Во САД, пак, дури и кога претседателот е најмоќниот човек во светот, Конгресот може јавно да го предизвика, да го стави под политички притисок и да го принуди да ја брани својата политика пред избраните претставници на народот. Тоа е суштината на американскиот модел на таканаречениот систем на проверка и рамнотежа (checks and balances), во кој никој не победува целосно, но никој не владее без ограничувања. Токму затоа гласањето за Иран е повеќе од спор околу една војна. Тоа е потсетник дека во американската демократија најголемата битка често не се води на бојното поле, туку меѓу самите институции на државата. Р.С.

































