Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица од Скопје, Куманово и Тетово поради сомнение дека организирале и реализирале незаконско посвојување на новородено бебе, при што родителите биле убедени да се откажат од детето во замена за финансиска помош и други бенефиции.
Како што соопшти МВР, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35) и Џ.Ш. (35) од Скопје, како и против С.Ј. (35) од Куманово и И.А. (38) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“.
Според истрагата, во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. организирале незаконско посвојување на новородено бебе. Ф.А., користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставувала контакти со заинтересирани брачни парови, додека Ѓ.К., по претходен договор со неа, стапувала во контакт со родители кои се наоѓале во тешка материјална и социјална состојба.
– Во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. го извршиле делото по пат на незаконско посвојување на новородено бебе. Имено, Ф.А. користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставила контакти со заинтересирани брачни парови. Додека, Ѓ.К., по претходен нивен договор, а поради избегнување на процедурата за посвојување на деца согласно Законот за семејство, ја користела нивната бременост, тешка материјална и социјална состојба. Имено, поради тоа што не можеле да се грижат за нивните новородени деца, ги доведувала родителите во заблуда и ги убедувала да реализираат за одреден паричен надомест и други бенефиции незаконско посвојување на нивното новородено бебе – стои во соопштението.
Во конкретниот случај, осомничените успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со И.А., да го даде нивното новородено бебе за незаконско посвојување во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи.
– На тој начин успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со нејзиниот невенчан сопруг И.А., за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи да реализираат незаконско посвојување на нивното новородено бебе. По отпуст од болница, С.Ј. и нејзиното бебе биле прифатени од Ф.А. и превезени до нивниот дом каде пристигнале пријавените И.Ш. и Џ.Ш. и во својство на „посвоители“ го земале бебето и го однеле во својот дом – додаваат од МВР.
Истрагата утврдила дека на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач, а средствата истиот ден му биле исплатени на И.А., при што, според МВР, тие претставувале надомест за незаконитото посвојување на бебето.
Од МВР информираат дека на осомничените, по одлука на судија на претходна постапка, им е определена мерка домашен притвор.



































