Можноста за работа каде било и во кое било време ако имате пристап до интернет има голем број предности, но и ризици што треба да се земат предвид. За дигиталните номади, работата од кафетерија, хотелско лоби, заеднички простор за работа или од аеродром е дел од секојдневниот живот. Сепак, работата во јавност не доаѓа без ризици за приватноста и безбедноста. Затоа нудиме еден брз потсетник за мерките на претпазливост што треба да се преземат.
Проучете ги правилата. Хибридното или целосно работење од дома е норма за многу работни места. Сепак, добра идеја е да ги проверите упатствата на работодавецот за тоа што се очекува кога работите надвор од канцеларијата. Многу компании и организации имаат внатрешни упатства што вклучуваат најдобри практики за работа во јавност или дури нудат обука за приватност и доверливост за персоналот. Некои не препорачуваат работа на преполни јавни места како што се кафулиња поради ризици за приватност на податоците. Ако планирате да патувате и да работите, некои работодавци може да имаат и правила што им забрануваат на вработените да работат во одредени земји.
Бидете свесни за вашата околина. Кафулињата и заедничките простори за работа често се полни со странци, од кои повеќето ќе си ја гледаат својата работа. Но, сепак, е добра идеја да не се изложувате повеќе отколку што е потребно. Обидете се да најдете затскриено место за седење за да не ве гледаат другите што правите, случајно или намерно. Ќе им биде потешко на злонамерните актери да дојдат до потенцијално чувствителни податоци ако сте со грб до ѕид. За да им биде уште потешко, набавете филтер за приватност на екранот. Тоа е тенок филм што има мали отвори за да спречи гледање на екранот од страна.
Бидете внимателни со вифи. Иако е примамливо да се регистрирате за бесплатна мрежа во лоби на аеродром или хотел, тоа доаѓа со значителни ризици. Избегнувајте јавни вифи-мрежи што не бараат лозинка, бидејќи сите податоци испратени преку неа можат да станат цел на кражба или манипулација. Дополнително ниво на безбедност ќе обезбедат виртуелните приватни мрежи (ВПН), софтвер што го шифрира сообраќајот на податоци и го насочува низ приватни тунели до безбедни веб-сервери за да спречи неовластено пресретнување и читање.
Не оставајте ја опремата без надзор. Седењето на јавно место со лаптоп може да ве направи привлечна цел за крадци. Ако мора да станете од вашето седиште (да речеме, за да одите во тоалет), земете ги вашите уреди со вас. Избегнувајте приватни разговори во јавност. Ако сте во бучен воз или во преполно хотелско лоби и разговарате преку Зум за чувствителен проект, можеби е примамливо да го кренете гласот за да бидете сигурни дека вашите соговорници ве слушаат и разбираат.

































