Фото: „Нова Македонија“

– Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката – велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание.

– Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени – велат од ОЈО.

________________________________________________________________________

Мицкоски: Во акцијата на Финансиската полиција опфатени екс градоначалник и поранешен прв човек на Царина, неколку вработени и еден „посредник“

Поранешен градоначалник и поранешен директор на Царинската управа, неколку вработени во таа институција, како и едно лице кое било своевиден посредник во олеснување на одредени незаконски активности се опфатени во акцијата на Финаниската полиција насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Во врска со вчерашната акција на Управата за финаниска полиција и за тоа дали таа била насочена против поранешен директор на Царина и поранешен градоначалник на Карпош, Мицкоски ја потврди акцијата, без да наведува имиња, нагласувајќи оти не сака да наштети на процесот и оти ја почитува презумцијата на невиност, а меѓу другото рече и дека истрагата ќе се проширува и на други институции.

– Ќе дадам краток одговор, бидејќи истрагата е во тек и не би сакал да навлегуваме во детали кои би можеле да го компромитираат евентуалниот понатамошен процес. Точно е тоа за кое зборувате. Станува збор за лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во конкретниот случај Царинската управа. Во постапката се опфатени и неколку вработени во рамки на таа институција, како и едно лице кое, не знам како да го наречам, но бил многу близок до претходата влада и тоа лица често ги олеснувало условно кажано дејствијата, кои изоболуваат со многу незаконитости или народски кажано посредник – нагласи Мицкоски.

Тој рече дека согласно информациите со кои располага истрагата ќе се проширува и во период што следи слични вакви акции ќе има и во неколку институции, поради недоследнсти од минатото кои се содржани во ревизорски извештаи, а кои, како што додаде, преставуваат индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања.

– Сепак, сè уште станува збор за истражни постапки. Јас го почитувам принципот на презумпција на невиноста и сметам дека секој има право и можност да ја докаже својата невиност, така што не би навлегувал во дополнителни коментари за материјално да не го нарушам процесот – изјави Мицкоски.

Претходно Финансиска полиција соопшти дека повеќе лица се приведени.

– Повеќе лица се приведени од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција како дел од акција која произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери – соопштија вчера од Финансиска полиција.

Овластени службени лица од Управата вчера постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведувале претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации.

– Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери. Во рамки на акцијата, а во согласност со насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција лишени од слобода се повеќе лица – се наведува во соопштението.