Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи воведување дополнителни царини од 10 и 12,5 проценти за увоз од 60 земји, меѓу кои и земјите од Европската Унија, со образложение дека мерката е насочена кон ограничување на трговијата со производи поврзани со принудна работа и заштита на американските работници.
Предлогот е поднесен од Канцеларијата на американскиот трговски претставник (USTR) во рамки на истрага за нефер трговски практики според член 301. Потегот доаѓа во период кога администрацијата на Трамп се обидува повторно да воспостави дел од царинските мерки што беа поништени од Врховниот суд на САД во февруари годинава.
Според Канцеларијата, царина од 10 проценти би се применувала за увоз од Европската Унија, Канада, Мексико, Велика Британија, Тајван, Пакистан, Аргентина, Бангладеш, Камбоџа, Гватемала, Малезија и други земји, додека за преостанатите 45 држави опфатени со истрагата се предлага дополнителна царинска стапка од 12,5 проценти.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека неуспехот на трговските партнери да се справат со увозот на производи произведени со принудна работа создава нефер услови за американските работници и компании.
Покрај новите царини, Канцеларијата предлага и посебен механизам за текстилната индустрија, со кој одредени количини облека и текстил би можеле да влегуваат на американскиот пазар по пониски царински стапки. Деталите за квотите и висината на царините засега не се објавени.
Мерките се најавени пред истекот на привремената царина од 10 проценти, која администрацијата на Трамп ја воведе во февруари. Во меѓувреме, Канцеларијата веќе предложи и царина од 25 проценти за голем број производи од Бразил, а наскоро се очекуваат и резултатите од истрагите за вишок индустриски капацитет кај повеќе трговски партнери, вклучително и Кина.
Од предложените мерки ќе бидат изземени одредени категории производи, меѓу кои енергенси, ретки земни метали, фармацевтски производи, органски хемикалии, делови за авиони, како и одредени прехранбени производи, вклучувајќи говедско месо, кафе, овошје и зеленчук.


































