ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН
- Сред тој наш тесен интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија
По убиството на министерот Белчев во Софија, во мене се роди за првпат идејата да работам за македонското дело. Едно три-четири месеци пред тоа ние студентите Македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Бидејќи српската пропаганда веќе беше почнала да дејствува во Македонија, и ние поради тоа се наштрекнавме и дојдовме на мислата дека треба да се побрза да се постави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред да успее српската пропаганда да се зајакне и да го расцепи народот. Ние самите го испитавме врз себеси дејството на таа пропаганда. Во Скопје и во Солун истовремено имаше агитатори. Ни ветија стипендија и ни ја дадоа. И тогаш јас и уште неколку Македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери од тоа што мошне се трудеа да ни влеат српска идеја и да ни го натурат српскиот јазик, што уште повеќе нѐ разгневуваше.
Во Софија повеќе меѓусебно се запознававме. Кога се токмевме да формираме „друштво“ (во тек беше изработка на правилник – статут). Се предвидуваше целите на друштвото да бидат научни, а всушност се подготвувавме да се собереме за идна револуционерна дејност. Токму тогаш дојде до убиството на Белчев. Последуваа апсења – нѐ уапсија мене и Никола…
Мислевме да создадеме организација, по образец на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето, да дејствуваме по примерот на Ботев, Левски, Бенковски и сл. Добро ја бевме проучиле таа организација. На пример, записите на Захариј Стојанов ни повлијаеја, па и воопшто дотогашната бугарска револуционерна публицистика. Бевме се запознале и со историјата на српските движења.
Уште во текот на летото во Битола ја формиравме „Дружба“, а и пристапивме кон изработка на устав, но тогашниот архимандрит, сегашниот владика Козма, беше научил за тоа и успеа да разочара некои од другарите, па така, се оневозможи натамошното јакнење на „Дружбата“…
Меѓу целите што си ги поставуваше таа група, освен револуционерната идеја, која требаше да се всадува и шири под скришна форма, да се зајакнуваат можностите за популаризирање на идејата и да закрепнуваат и врските меѓу интелигенцијата, се токмевме да создадеме една околиска заемна библиотека за сите што го сакаат тоа…
Се служевме со хемиско мастило, со псевдоними. Комитетот веќе почна редовно да дејствува како централен. Мрежата на месните комитети се зголемуваше. Почнавме и да повикуваме доверливи лица и од некои подалечни места за да ги посветиме во делото. Тогаш почнавме да издаваме и хектографиран весник, кој се испраќаше по сите околии. Имаше веќе и „канали“…
Почетокот на „Братството“ во Солун се совпаѓа со последниот период на мојот престој со служба во Солун и со моето отпуштање…
Тајниот круг и учителот во средината
Во празнични денови, кога си игравме во црковниот двор, по црквата народот се собираше во училиштето. Љубопитни како деца, често ги остававме игрите за да ѕирнеме во училниците и да чуеме за што говорат повозрасните. Така, успеавме да се протнеме преку послугата и да слушнеме за што говорат возрасните откако ќе завршат со црквата. Училницата беше преполна со граѓани, меѓу кои ги видовме и своите татковци, браќа, братучеди. Напред до црната табла стои и прикажува со чести движења по рацете познат учител. Се загледавме втренчено во него и разбравме дека тој не е каков што е во училиштето. Не се шегува, не се ни насмевнува. Погледот му е строг, а приказната вознемирувачка. Народот слуша молкум и одвреме-навреме само кимнува со главата или прошепнува нешто, како да се моли…
Кога стигнав први клас гимназија, љубопитноста за „тајното“ и „големото“ не ми даваа мир. И ние малите сакавме да станеме достојни како големите, достојни за тие големи и тајни откровенија, за кои сега чувствуваме само едно непознато далечно воодушевување. Учителите почнаа да ги собираат поголемите од горните класови и да им одржуваат предавања под отворено небо, во падините на Пелистер, со истиот жар како кога им говореа на возрасните од градот. Големата и моќна „тајна“ беше исплела пајажина меѓу малите и големите…
Во делнични дни, по уроците, учителите ги собираа поголемите ученици од горните класови во најскриените соби на гимназијата. Веќе не беше љубопитство, туку јасна желба да ја дознаеме тајната што ја криеја од нас помалите. Ги демневме и кога узнавме за местото и часот на едно од нивните собранија, заедно со еден соученик се приближивме до самата врата. Слушајќи ја беседата на учителот стоевме простум, наежени и неподвижни. Душите ни трепереа од страв, како некои мушички заплетени во пајажина од која не можевме да се оттргнеме. Гласот на учителот стивна и се успокоивме. Добивме желба да го видиме учителот и ја отворивме вратата. Замрзнавме од глетката – исправен стоеше Даме Груев и ни мавташе со прст… веднаш се затрчавме назад по скалите, надвор од гимназијата..
Следниот ден, на час по аритметика дојде господин Груев, си го отвори тефтерчето и ме погледна право во очите со една насмевка во која прочитав исто толку укор, колку и шеговитост. Го сврте погледот и со строг глас рече – „Вчера Бадев и Ангелов…“ и погледна право во нас. Ние чекавме стаписани. Му се појави блага насмевка, му светнаа очите и продолжи – „…не си ја знаеја лекцијата…“. Се успокоивме, иако не ја знаевме ни најновата лекција. Ние знаевме една тајна, а во средината на таа тајна беше тој – нашиот учител, господинот Дамјан Груев. Го видовме вчера со неговите посветени, тој го знае тоа и не нѐ казнува. Меѓу нас, малите, и него – големиот, веќе има една тајна врска. Па колку сака лекции нека чини таа.
Според книгата за Даме Груев од Јордан Бадев
М-р Никола Ристевски
(продолжува)


































