Празникот на светите браќа Кирил и Методиј повторно помина во знакот на свечености, академии, пригодни говори и потсетувања на нивното огромно духовно и културно наследство. Но речиси по правило, секоја година одново се отвора и едно друго прашање – кому му припаѓаат Свети Кирил и Методиј? Дали биле Грци, Бугари, Словени, Македонци или нешто друго? Современите национални наративи често се обидуваат да ги вметнат во сопствените историски рамки, претворајќи ги во предмет на натпревар наместо во личности што ги надминуваат сите поделби.
Проблемот не е во интересот за нивното потекло. Проблемот е во анахронизмот. Луѓето од IX век се толкуваат преку категориите на XXI век. Историските личности се сместуваат во национални матрици што во нивното време едноставно не постоеле во денешната форма. На тој начин, наместо да ги разбереме, ние ги приспособуваме на нашите современи потреби.
Кога денес читаме дека Свети Кирил и Методиј биле „Грци, просветители на Словените“, најчесто несвесно го внесуваме модерното значење на зборот „Грк“ во едно сосема поинакво време. Светите браќа се родени во Солун и живееле во државата што денес историчарите ја нарекуваат Византија. Но самите нејзини жители не се нарекувале Византијци. Тие себеси се именувале како Римјани, односно Ромеи, сметајќи се за продолжение на Римската Империја. Нивната држава официјално била Римска Империја, а не некаква грчка национална држава.
Уште повеќе, во тогашниот христијански свет називот „Елин“ или „Грк“ долго време имал претежно религиозно значење. Тој често се поврзувал со паганството и старите многубожечки култови. За ревносен христијанин од IX век, поважно било да биде припадник на Црквата и на Римската Империја отколку носител на етнички идентитет во модерна смисла. Затоа е погрешно нивното дело да се сведува на доказ за денешни национални проекти.
Од друга страна, факт е дека бугарската држава веќе била значаен политички фактор уште од VII век, а во IX век се наоѓала во период на подем. Но од тоа не следува дека Свети Кирил и Методиј можат едноставно да се дефинираат како „бугарски просветители“ во националната смисла што денес ја подразбираме, особено ако се земе предвид дека ниту една нивна мисија не е поврзана со територијата на современа Бугарија. Дополнително, клучен за разбирање на нивното дело е фактот дека нивната мисија не била насочена кон создавање една национална култура, туку кон ширење на Евангелието и создавање услови словенските народи да го слушнат Божјото слово на разбирлив јазик.
Всушност, токму нивните животи сведочат колку малку националните категории можат да објаснат што навистина претставувале.
Константин Филозоф, кој подоцна ќе го добие монашкото име Кирил, бил еден од најобразованите луѓе на своето време. Образуван во престолнината Константинопол, ги изучувал тогашните науки, филозофијата, богословието и јазиците. Неговиот брат Методиј, пак, имал поинаков животен пат. Извршувал високи административни должности пред да се повлече во монашки живот. Двајцата браќа биле личности што можеле да направат блескава кариера во државната хиерархија, но избрале поинаков пат – пат на служба.
Особено е интересен податокот што се наоѓа во „Панонските легенди“. Кога императорот им ја доверува мисијата меѓу Словените, им вели: „Вие сте солуњани, а сите солуњани добро говорат словенски“. Оваа реченица е драгоцен историски извор. Таа не го открива нивното етничко потекло, како што понекогаш се тврди, туку сведочи за јазичната и културната средина во која живееле. Солун бил голем град опкружен со словенско население, па познавањето на словенскиот јазик не било исклучок, туку предност што им овозможила да ја извршат својата мисија.
Токму тука лежи и нивната вистинска големина. Свети Кирил и Методиј не отишле во Велика Моравија за да создадат нов народ, ниту за да наметнат туѓа култура. Тие не дошле како носители на асимилација. Во епоха кога големите цивилизации најчесто ги ширеле своите јазици и обичаи врз помалите народи, светите браќа избрале сосема поинаков пристап. Наместо Словените да бидат принудени да станат Грци или Латини за да бидат христијани, тие покажале дека Евангелието може да се проповеда и на нивниот мајчин јазик.
Тоа е навистина револуционерна идеја за своето време. Создавањето на словенската писменост и преведувањето на богослужбените книги не биле културен проект сам по себе. Тоа било средство за една повисока цел. А таа цел била спасението на човекот и неговото воведување во животот на Црквата. Нивната мисија почнува како просветна, но суштински останува духовна. Писменоста не е целта; таа е патот. Книгата не е идол; таа е средство преку кое човекот ја среќава Вистината.
Затоа и денес не треба да ги разбираме Свети Кирил и Методиј само како културни реформатори. Тие пред сè биле светители. Нивниот идентитет бил обликуван од Христос, а не од нацијата. Свети Кирил го завршува својот живот како монах во Рим. Свети Методиј добива архијерејско достоинство од Римската црква и ја продолжува мисијата меѓу словенските народи и покрај многубројните искушенија и противења. Во нивните биографии нема борба за национални права, туку борба за правото секој човек да го слушне Божјото слово на јазик што го разбира – вредност што, за жал, и денес некои не можат да ја прифатат и разберат.
Можеби токму затоа нивното наследство е толку големо и толку трајно. Нивното дело не останало ограничено на една држава или на еден народ. Од него произлегла цела цивилизација. Нивните ученици го продолжиле започнатото дело, а словенската писменост и христијанска култура се рашириле низ огромни простори на Европа. Малку личности во историјата оставиле толку длабока трага врз духовниот и културниот развој на толку многу народи.
Но токму поради тоа е несоодветно нивната големина да се сведува на национални етикети. Давајќи им современи национални атрибути, ние не ги возвишуваме, туку го намалуваме нивното значење, па дури и го фалсификуваме нивниот вистински идентитет. Ги сведуваме на мера што е помала од нивното вистинско историско значење.
Во времето во кое живееме, кога идентитетските спорови сè почесто ја заменуваат вистинската историска и духовна перспектива, светите браќа нè потсетуваат на нешто суштинско. Човекот може да биде навистина просветен само кога знае за што му служи знаењето. Писменоста без мудрост е техника. Културата без вистина е украс. Образованието без духовност лесно се претвора во средство за гордост и поделба.
Свети Кирил и Методиј нè учат на спротивното. Тие покажуваат дека вистинската просвета произлегува од духовноста. Не случајно нивната просветителска дејност извира од нивниот светителски живот. Не прво научници, па потоа христијани, туку прво христијани, а токму затоа и големи просветители.
Можеби токму ова е најважната порака од нивниот празник. Наместо да влегуваме во ќор-сокакот за тоа чии биле, подобро е да се запрашаме дали сме достојни наследници на нивното дело. Зашто нивната вистинска припадност не е кон една современа нација, туку кон една цела христијанска цивилизација што помогнале да се роди. А делата што ја надживуваат историјата секогаш им припаѓаат на сите што успеваат да ја разберат нивната вистинска големина.
проф. д-р Виктор Недески
Авторот е продекан на Православниот богословски факултет
„Свети Климент Охридски“ при УКИМ во Скопје


































