Фото: ЕПА

Алтернатива за Германија (АфД) и процесот на идеолошката трансформација на Европа

  • Според низа германски политички аналитичари, суверенизмот повеќе не е маргина, туку нов политички центар во Германија што експандира и во другите земји членки на ЕУ, а наскоро и во нејзините институции

Политичката карта на Европа се менува побрзо отколку што европските елити се подготвени да признаат. Германија, државата што со децении претставуваше столб на либералниот европски идеолошки консензус, денес влегува во фаза на длабока политичка и идеолошка трансформација. Подемот на суверенистичката Алтернатива за Германија (АфД) повеќе не може да се третира како што ја исмеваа, нарекувајќи ја „протестен феномен“ или „краткотрајна реакција на миграциската криза“, поврзана со економската стагнација на Германија и поддршка на војната во Украина.
Напротив, со АфД станува збор за процес што постепено ја менува самата политичка архитектура на Европската Унија. Анкетите во Германија покажуваат драматична промена во расположението на гласачите. Некогаш доминантните партии на центарот ЦДУ/ЦСУ и СПД ја губат довербата, додека АфД успева да се наметне како најсилен политички пол. Тоа не е само германски феномен. Тоа е симптом на поширок европски процес. Тоа е криза на наднационалната идеологија врз која беше граден сѐ уште актуелниот Брисел од страна на либералните елити.

Почеток на крајот на една ера за Европа

Во изминатите две децении Европската Унија функционираше врз неколку клучни постулати како што се: глобализацијата, централизираната бирократска интеграција, прекинот на врските со Русија и експанзијата кон исток, либералната миграциска политика, зелената транзиција по секоја цена, постепеното слабеење на националниот суверенитет во корист на наднационалните институции и последен е феноменот на милитаризација… А токму Германија беше моторот на таквиот модел.
Од времето на Ангела Меркел, Берлин стана политички гарант на европскиот либерален центар. Но денес тој модел покажува сериозни пукнатини. Германската индустрија слабее, енергетската политика создаде структурни проблеми, а голем дел од населението чувствува дека стопанските/економските интереси на државата биле жртвувани во име на некакви идеолошки проекти.
АфД успеа токму тука да го пронајде својот простор. Наместо класична десничарска реторика, таа сè повеќе настапува како политичка сила што бара „враќање на нормалноста“ со „контрола на границите, национален економски интерес, ограничување на моќта на Брисел и редефинирање на германската улога во Европа“…

Враќање кон „Европа на нациите“

Она што денес се нарекува суверенизам всушност претставува обид за враќање кон изворната логика на Европската економска заедница – Европа како сојуз на држави, а не како централизирана политичка конструкција.
Првичната европска идеја по Втората светска војна беше пред сè економска и цивилизациска: заеднички пазар, економска соработка и избегнување нови конфликти меѓу европските народи. Но со текот на времето Европската Унија прерасна во проект со силни федералистички амбиции, проследени со некаков облик на експанзионизам.
Токму поради тоа денес се развива една ренесанса на потиснуваниот суверенизам. Во Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија и сè повеќе во Источна Европа расте политичко расположение што смета дека Брисел ја надминал својата првична улога и станал идеолошки центар што се обидува да наметне унифицирани вредности врз различни европски народи. Во таа смисла, АфД не е изолиран феномен, туку германска верзија на пошироката европска реакција против централизацијата.

Новата Европа нема да биде постнационална

Во последните години европските елити често го претставуваа суверенизмот како ретроградна појава. Но реалноста покажува дека значителен дел европски гласачи повеќе не веруваат во постнационалниот модел. Економските кризи, енергетските проблеми, миграцијата и чувството на културна несигурност создадоа нова политичка психологија. Луѓето повторно бараат држава, граници, идентитет и политичка контрола. Токму тоа го нудат новите суверенистички движења.
Прашањето повеќе не е дали Европа ќе се промени. Прашањето е само колку длабока ќе биде таа трансформација. А Германија – токму Германија за која секојдневно и лично се посведочувам – денес изгледа како антиципација на таа нова европска епоха.


Куса краткорочна прогноза во „Ди велт“ за економските перспективи на Европа:

Јуни ќе биде полош од мај, јули ќе биде полош од јуни Европа се соочува со економски кошмар

Европа е еден од регионите во светот што се најпогодени од проблемите предизвикани од војната на Блискиот Исток и енергетскиот шок што произлегува од неа поради прекините во снабдувањето со клучните енергенти – нафта и гас. Последиците ќе имаат долги кумулативни ефекти, кои би можеле да се чувствуваат со години пред целосното стабилизирање на предвоените резерви. За тоа најдобро сведочи текстот на германскиот медиум „Ди велт“, кој пишува дека Европа се соочува со „економски кошмар“ и се движи кон стагфлација.
Министрите за финансии на ЕУ се состануваат на Кипар. За првпат откако започнаа борбите, тие ќе ја анализираат состојбата – и ќе понудат мрачна прогноза, го започнува својот напис германскиот медиум. Тука најпрво би сакале да потсетиме дека Кипар моментално претседава со Советот на Европската Унија.

Кристин Лагард: Нов енергетски шок веќе почнува да го забавува економскиот раст

Претседателот на Еврогрупата, Киријакос Пјеракакис, рече дека Европа се соочува со „стагфлациски притисоци“. Ова е сценарио во кое економијата едвај расте, додека цените продолжуваат брзо да растат. „Јуни ќе биде полош од мај, јули ќе биде полош од јуни“, предупреди политичарот.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, истакна дека цените во Европа ќе останат високи уште некое време и дека нов енергетски шок веќе почнува да го забавува економскиот раст. Таа, исто така, ги критикуваше мерките за поддршка од големи размери во земјите на ЕУ, тврдејќи дека помошта треба да биде „привремена, насочена и прецизно приспособена“.

Брисел стравува и за земјоделскиот сектор

Според ажурираната прогноза на Европската комисија, економијата на ЕУ ќе порасне за само 1,1 отсто оваа година наместо претходно очекуваните 1,4 отсто, а инфлацијата ќе биде 3,1 отсто – процентен поен повисок од претходно очекуваниот.
Ситуацијата во Ормускиот Теснец претставува особена загриженост за ЕУ. Заканата за превозот ги наруши не само испораките на нафта и гас туку и испораките на ѓубрива. Брисел стравува од понатамошно зголемување на цените за земјоделскиот сектор. Р.С.


Историски пресврт на германската политичка сцена

Германија влегува во нов политички циклус

Најновите истражувања на јавното мислење во Германија покажуваат историски пресврт на политичката сцена. Според анкетата на институтот ИНСА од мај 2026 година, АфД достигна рекордни 29 проценти поддршка и првпат создаде убедлива предност пред ЦДУ/ЦСУ, кои паднаа на 22 проценти – најслаб резултат на конзервативната унија во последните години. СПД продолжува да тоне и моментално се движи околу 12 проценти, додека зелените имаат раст на околу 14 проценти.
Дополнителен проблем за германскиот политички центар претставува драматичниот пад на довербата во владата на канцеларот Фридрих Мерц. Некои од истражувањата покажуваат дека огромно мнозинство Германци се незадоволни од состојбата во државата и од способноста на актуелната коалиција да ги решава економските и безбедносните проблеми.
Особено е впечатлив растот на АфД во источните покраини, каде што во некои региони партијата веќе надминува 40 проценти поддршка и сериозно се подготвува за освојување на првите регионални власти. Аналитичарите оценуваат дека Германија влегува во нов „суперизборен циклус“ во кој суверенистичките и антиглобалистички идеи постепено стануваат доминантен политички тренд.

Ако се промени Германија, ќе се менува и Европската Унија

Германија не е обична членка на ЕУ. Таа е економски мотор, политички центар и главен финансиски гарант на европскиот проект. Затоа секоја длабока политичка промена во Берлин автоматски значи и промена во самата ЕУ.
Доколку АфД или поширок суверенистички блок во иднина стане дел од власта, Европа би можела да влезе во сосема нова ера. Наместо понатамошна федерализација, можно е отворање процес на враќање на националните надлежности, редефинирање на миграциските политики и слабеење на централната моќ на Европската комисија.
Таквиот процес веќе се чувствува и во Франција. Подемот на Марин Ле Пен и Националниот собир покажува дека и втората клучна сила на ЕУ се движи кон суверенистички позиции. Ако Берлин и Париз истовремено почнат да се оддалечуваат од федералистичкиот модел, тогаш Европската Унија би можела да претрпи најголема трансформација од создавањето на еврозоната. Р.С.


Франција, Шпанија, Италија, Холандија и Литванија со нон-пејпер до Брисел да изгради и наметне сопернички однос на ЕУ кон Пекинг

Германија се спротивставува на притисокот од членките на ЕУ за востановување европски ривалски став кон Кина

  • Германската министерка за трговија Катерина Рајхе неделава е во Пекинг, обидувајќи се да ги зајакне индустриските врски со Кина, и покрај тоа што неколку земји членки на ЕУ го притискаат Брисел, а и Берлин, да заземе построг став против Пекинг

Германската министерка за трговија Катерина Рајхе е во посета на Кина од вторник до петок, бидејќи трговскиот дефицит на Берлин со Пекинг продолжува да се продлабочува.
Патувањето доаѓа два дена откако неколку од најголемите економии на ЕУ – Франција, Шпанија, Италија, Холандија, како и Литванија – издадоа нон-пејпер со кој ја повикуваат ЕУ да се справи со, како што се тврди во документот, „прекумерниот капацитет на Кина и нефер трговските практики“. Сепак, Берлин не го поддржа нивниот повик. Германија сега станува главна точка на пречка во стратегијата на ЕУ кон Кина.
Додека „Евроњуз“ претходно објави дека објавувањето кон крајот на минатата година на трговскиот дефицит на Германија со Пекинг означи пресвртница за извршната власт на ЕУ, која се обидува да ги заостри своите алатки за трговска одбрана, Германија продолжува да ја фаворизира соработката со Кинезите. Во март германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на трговски договор со Пекинг. Потсетуваме дека Брисел се спротивстави на идејата.
– Постојат голем број загрижености и реални предизвици што Европската Унија постојано ги изразуваше кон Кина, а за кои треба да видиме како тие смислено се справуваат пред да можеме да зборуваме за какви било идни договори или нешто слично – изјави тогаш заменик-главниот портпарол на Комисијата, Олоф Гил.
Дури и со рекорден трговски дефицит од 87 милијарди евра со Кина, Берлин се надева дека Пекинг ќе го задржи својот пазар отворен за германската индустрија, и покрај пречките со кои се соочуваат бизнисите од ЕУ во Кина и стратегијата на азискиот гигант за намалување на зависноста од странски производи.

Пристап на Германија до пазарот на Кина

Главната цел на посетата на Рајхе оваа недела е да се разговара за потенцијална економска соработка. Според германската влада, стратегијата е да се истражат идните можности за соработка, а воедно да се одржува дијалог со кинеското раководство. И покрај постојано растечкиот трговски дефицит, Кина остана најважниот трговски партнер на Германија во 2025 година. Според Федералниот завод за статистика, обемот на билатералната трговија достигна 250 милијарди евра. Околу 5.200 германски компании работат во Кина, што ја прави земјата еден од најважните странски пазари за автомобилската, машинската и електроиндустријата на Германија.
За време на патувањето се очекува Рајхе да одржи политички разговори, да присуствува на бизнис-форум и да посети локални компании. Таа ќе биде придружувана од бизнис-делегација што претставува околу 40 компании. Дискусиите исто така ќе се фокусираат на развојот на енергетските технологии.
– Се надеваме дека посетата ќе помогне да се пренесат сознанијата стекнати на терен во политичката дискусија во Берлин и понатаму да се развива билатералната размена – рече Оливер Оемс, извршен директор на Германската стопанска комора во Кина.
Во анкета објавена во мај од страна на комората, 51 отсто од германските компании што работат во Кина ги поддржуваат политиките што фаворизираат партнерства со кинески компании, додека 42 отсто ја поддржуваат „стратешката“ употреба на знаењето стекнато преку такви партнерства. Р.С.

Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија