Како компаниите да се справат со последиците од кризата на Блискиот Исток
- Домашната економија како мала и зависна економија неизбежно ги чувствува „ударите“ од економските поместувања во светот. Токму поради тие причини ја запрашавме Владата дали се размислува за мерки што би го олесниле работењето на компаниите. Но и за какви мерки се размислува? Има ли мерки што државата или општините може да ги применат за подобри маневри на компаниите во случај на влошување на состојбите со нафтата, особено при понатамошно поскапување на нафтените деривати? Предмет на анализа се повеќе можни мерки, вклучувајќи и дополнителни даночни олеснувања за одредени категории производи и енергенти, велат од Владата
По избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, глобалната економска слика драстично се промени. Наспроти дотогашното забрзано темпо на раст на глобалната економија, по избувнувањето на војната, состојбите драстично се променија. Со почетокот на оваа војна, светот влезе во едно од најголемите енергетски нарушувања во поновата историја, но исто така доаѓа неколку години по избувнувањето на војната во Украина, состојба што исто така предизвика голем број реперкусии врз економските текови.
Домашната економија како мала и зависна економија неизбежно ги чувствува „ударите“ од економските поместувања во светот. А еден од лидерите на коморските здруженија пред кратко време предупреди дека „кризите носат смрт за компаниите“.
Токму поради тие причини ја прашавме Владата дали се размислува за мерки што би го олесниле работењето на компаниите. Но и за какви мерки се размислува? Има ли мерки што државата или општините може да ги применат за подобри маневри на компаниите во случај на влошување на состојбите со нафтата, особено при понатамошно поскапување на нафтените деривати?
– Владата континуирано и внимателно ги следи економските движења и инфлаторните притисоци, кои во значителна мера се условени од глобалните ценовни движења кај храната, енергентите и транспортот во Европа и регионот. Истовремено, Владата е во редовна комуникација со стопанските комори, економските оператори и надлежните институции, со цел навремено да се одговори на предизвиците поврзани со глобалните економски и енергетски случувања – посочуваат од Владата за „Нова Македонија“.
Подготвени да интервенираат со дополнителни мерки
Воедно, тие додаваат дека, според анализите на надлежните институции, во моментов не се очекуваат значителни ценовни шокови кај основните прехранбени производи, при што посебно внимание се посветува на транспортните трошоци, увозните ценовни притисоци и евентуалните пазарни злоупотреби. Притоа тие укажуваат дека во таа насока, Државниот пазарен инспекторат спроведува засилени контроли на терен.
– Владата останува подготвена да интервенира со дополнителни мерки доколку анализите покажат потреба, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се обезбедат стабилни услови за работа на компаниите. Предмет на анализа се повеќе можни мерки, вклучувајќи и дополнителни даночни олеснувања за одредени категории производи и енергенти.
Во изминатиот период веќе беа преземени конкретни мерки за ублажување на ценовните притисоци, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата, намалување на акцизите за бензините и дизелот, како и засилен инспекциски надзор врз пазарот. Овие мерки се продолжени до 1 јуни, со што и понатаму се обезбедуваат едни од најниските цени на горивата во регионот. Дополнително, преку координација со енергетските компании се обезбедуваат стабилни услови за снабдување со енергенти. Состојбата со снабдувањето со нафта и нафтени деривати е стабилна, а државата располага со доволни количества за непречено функционирање на стопанството и потребите на граѓаните – нагласуваат од Владата.
Оттаму укажуваат оти и Меѓународниот монетарен фонд, во своите последни оценки, нотира дека преземените антикризни мерки придонесоа за зачувување на макроекономската стабилност и ублажување на инфлаторните притисоци, при што е препознаена навремената реакција на државата во услови на глобална енергетска и економска неизвесност.
– Фокусот останува на одржување на макроекономската стабилност, реализација на капиталните инвестиции и поддршка на домашната економија, со цел зачувување на економскиот раст и работните места. Новата исплатена транша како поддршка за домашните компании претставува уште една потврда за континуираната посветеност на Владата кон развојот на македонската економија, отворањето нови работни места и зајакнувањето на домашното стопанство – се посочува во одговорот од Владата на Република Македонија.
Кои се ефектите од преземените зафати во врска со економските политики и поддршката што Владата ја обезбедува за компаниите?
Според одговор од Владата, резултатите од овие политики се веќе видливи. Во изминатите 12 месеци се отворени повеќе од 15.000 нови работни места, а бројот на вработени достигна околу 710.000 лица, што е историски највисоко ниво од независноста на државата до денес. Истовремено, невработеноста е сведена на историски најниско ниво, под 5 проценти од работоспособното население.
– Ова е директен резултат на активните економски политики и поддршката што Владата ја обезбедува за компаниите преку поволни финансиски инструменти, субвенционирани кредити со каматна стапка од 1,95 отсто, како и преку капитални инвестиции и развојни проекти. Поддржаните компании веќе најавуваат проширување на производствените капацитети, отворање нови погони и нови деловни единици, што дополнително ќе придонесе за нови вработувања и зголемена економска активност во повеќе региони низ државата – се посочува во нивниот одговор.
Од Владата повторно нагласуваат дека македонската економија шест квартали по ред бележи реален раст од 3,5 проценти, а според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, номиналниот БДП во 2026 година ќе достигне околу 22 милијарди долари. Притоа тие укажуваат дека во услови кога економиите во еврозоната растат со помалку од 1 отсто, овие показатели ги потврдуваат стабилноста и ефективноста на економските политики на Владата.
– Паралелно со поддршката на стопанството, Владата реализира и силен инвестициски циклус преку локалните самоуправи. Во моментов се реализираат повеќе од 1.200 инфраструктурни и развојни проекти низ општините во државата, со вкупна вредност од над половина милијарда евра. Овие инвестиции дополнително ја поттикнуваат градежната активност, отвораат нови работни места и создаваат подобри услови за живот на граѓаните – нагласуваат на крајот од Владата за „Нова Македонија“.
Секоја криза истовремено отвора можности за зајакнување на компаниите
Деновиве, пак, првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека состојбата во стопанството засега е стабилна, нема физички недостиг од нафтени деривати, но ако високите цени се задржат подолг период, има ризик да се прелеат во поголеми трошоци за стопанството, инфлациски притисоци, послаба ликвидност и поголема неизвесност во инвестициите.
– Последиците за компаниите ќе бидат големи и сериозни ако влеземе во втората фаза, каде што ќе треба да се преземат мерки што се нормално непопуларни и ќе доведат до нови задолжувања на државата. А да не зборувам за третата фаза, во која неконтролирано би се појавиле повеќе воени жаришта во светот. Во тој случај мислам дека ние како мала земја, шансите нешто да направиме, ние би биле тогаш едноставно колатерална штета – изјави Азески, претседател на СКМ.
Тој воедно укажа дека очекува оти Владата навреме ќе преземе мерки и истакна дека три недели пред да почне кризата знаеле што ќе се случува и се договориле со Владата дека државата со свои механизми ќе го штити бизнисот.
– Барањата не можат да се истакнуваат, затоа што ќе бидат предмет на анализи на шпекуланти, манипуланти, што сакаат да ја искористат кризата. Главно се однесуваат на тоа да се поддржат извозните компании, да се поддржат таргетирано сектори што се најпогодени од кризата и населението, кое ќе биде доведено на работ на социјалната егзистенција – изјави Азески.
Тој исто така посочи дека геополитичките и регионалните кризи создаваат сериозна неизвесност за стопанството, а недостигот од предвидливост е „смрт за бизнисот“. Според Азески, во услови на постојани кризи сè потешко е компаниите да планираат и да опстанат на пазарот, поради што е неопходна сериозна анализа на ризиците со кои се соочува бизнис-заедницата.
– Крајно време е да се направи една дебела анализа, во која ќе се утврдат вистинските загрозувања на позициите на бизнисот. Ако бизнисот ги намалува ризиците и спротивставеностите во општеството, без него не можеме да одиме напред – рече Азески.
Тој посочи дека најпогодени од актуелните состојби се секторите што директно зависат од нафтата како основно погонско гориво, но истовремено истакна дека досегашните кризи, кои се лепат еднаподруга, истовремено и ги зајакнаа компаниите.
– Најпогодени се оние сектори каде што нафтата е клучна за функционирањето на бизнисот. По кризите од 2008 и 2016 година, пандемијата на ковид и енергетската криза, компаниите на некој начин се исчеличија и научија полесно да се справуваат со проблемите – оцени претседателот на Стопанската комора. Е.Р.

































