Фото: Кабинет на претседателката Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска присуствуваше на отворањето на Центарот за дневен престој за лица со попреченост и индивидуален третман „Во мојот свет“ во општината Ѓорче Петров во Скопје.

Во рамките на посетата, директорката на Центрите за индивидуален третман, Ангела Чингоска, ги претстави мисијата и долгогодишната работа на Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, на чија иницијатива е отворањето на Центарот за дневен престој.

Претседателката ги разгледа просториите опремени со современа и специјализирана опрема, која овозможува унапредување на психомоторниот, сензорниот и на социјалниот развој на децата.

Поздравувајќи го отворањето на Центарот, Сиљановска-Давкова порача дека односот кон лицата со попреченост е огледало на зрелоста, хуманоста и солидарноста на едно општество. Според неа, вистинската инклузија подразбира создавање услови во кои секој човек ќе може достоинствено да учи, да се развива, социјализира и активно да учествува во заедницата.

– Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет! – рече Силјановска-Давкова и изрази очекување да се прошири мрежата на слични дневни центри.

Таа упати благодарност до Здружението „Во мојот свет“, до вработените за нивниот ентузијазам, до градоначалникот за отстапениот простор, до бугарскиот амбасадор за финансиската поддршка, до Фондацијата „Механџиски“ за хуманоста и до сите општествено одговорни субјекти, кои придонеле во реализацијата на овој значаен проект.

Центарот е наменет за поддршка, социјализација, стекнување животни вештини и подобрување на квалитетот на живот на младите лица со попреченост преку индивидуализиран пристап, приспособен на нивните специфични потреби.

Особен акцент ќе биде ставен на децата со аутистичен спектар и атипичен развој, како и на поддршката и советувањето на нивните семејства.

Лиценцираниот центар располага со капацитет за 24 млади лица на возраст од 14 до 26 години, како и за 20 деца до 14-годишна возраст и претставува значаен исчекор во развојот на инклузивните и социјалните услуги во заедницата.

Услугата е целосно бесплатна, а Центарот опфаќа два дела, едниот за дневен престој на лица со попреченост од 14 до 26 години, а другиот дел за индивидуален третман на деца од една до 14 години.

Во првиот дел, за адолесценти и млади лица од 14 до 26 години, Центарот има капацитет за 24 корисници и е наменет за адолесценти и млади лица што имаат потреба од структуирана дневна поддршка, социјализација и развој на функционални вештини. Работата се реализира преку групни активности насочени кон: развој на социјални и комуникациски вештини, поттикнување самостојност и грижа за себе, стекнување секојдневни животни навики, работно окупациски и креативни активности, физички активности и рекреација, поддршка во емоционална регулација и адаптација во заедницата.

Работата со корисниците ја реализираат четири стручни лица и четири негуватели, кои обезбедуваат континуирана поддршка, надзор и асистенција во секојдневното функционирање на корисниците.

Центарот за дневен престој на лица со попреченост – индивидуален третман на деца од една до 14 години, има капацитет до 20 корисници и е наменет за деца со развојни тешкотии. Работата е насочена кон рана интервенција, стимулација и поттикнување на целокупниот развој на детето преку индивидуализиран пристап.

Третманите ги реализираат две стручни лица и тие се насочени кон поттикнување на моторниот и сензорниот развој, когнитивна стимулација и развој на внимание, говорно-јазична стимулација и комуникација, развој на социо-емоционални вештини, поттикнување игра, интеракција и функционално учење, развој на самопомош и секојдневни животни вештини, советување и насоки за родителите за работа во домашни услови.

Работата во двата центри се реализира во безбедна, структуирана и поддржувачка средина, приспособена на индивидуалните способности и потреби на секој корисник. Работното време е секој работен ден од 8 до 16 часот, а по потреба и во договор со родителите/старателите, услугата може да се реализира и до 18 часот.