Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека интензивно се работи на сите портфолија за претстојниот период од реформската агенда и нагласи оти очекува позицијата први во регионот Западен Балкан – 6 во јануарскиот извештај да се потврди и во јунскиот извештај за Македонија.
Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за новата транша за земјата од 65,7 милиони евра во рамките на планот за раст за Западен Балкан и инструментот за реформи и раст, како и на критиките на опозицискиот СДСМ, денеска во Охрид, на одбележувањето десет години од присуството на „Костал Македонија“, рече дека она што го говори опозицијата не заслужува коментар и додаде дека претпоставува оти атмосферата во опозицијата е специфична и како резултат на неа понекогаш има разни ставови за иста тема во текот на еден ден.
– Но, која е вистината и кои се фактите? Фактите се, рековме, дека од последни во групата Западен Балкан 6, ќе бидеме први. Се зафативме со жестока работа веднаш по завршувањето на локалните избори и еве веќе во јануарскиот извештај сме први. Сега следува јунскиот извештај на крајот од јуни. Имам интензивна комуникација со господинот Герт Јан Копман, работиме на сите портфолија во рамките на Владата и очекувам оваа позиција да ја потврдиме и по јунскиот извештај. Овие 30-31 милион евра, кои претставуваат директна буџетска поддршка, очекувам до крајот на годината да се приближиме до бројката од 100 милиони директна буџетска поддршка, кога на тоа ќе се додадат и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така ќе продолжиме и во периодот што следува – рече Мицкоски.
Тој изјави дека сите оние што се молат да не успее оваа Влада се молат да не успее и државата, но и граѓаните, и со порака дека има лоша вест за нив, односно дека ќе мора да сведочат на многу успеси што ги постигнува оваа Влада.
– Се сеќавате како ликуваа кога во, за нив, омилените бугарски медиуми излезе интервјуто на известувачот Вајц, па потоа никаде ги нема оние глодачи да го коментираат интервјуто на господинот Вајц кога јасно кажа дека има реформи, што, впрочем, со овој извештај го потврди и Европската комисија. Се сеќавате, велеа дека ќе дојде бран на мигранти. Дојде мај, ќе помине и мај, а од април наваму нема ниту мигрант како резултат на оној договор со Обединетото Кралство. Се сеќавате, минатата година водеа кампања дека само што не сме банкротирале, а ние денес велиме дека и покрај сите предизвици во светот и Европа, имаме успеси во македонската економија и според растот на бруто-домашниот производ сме меѓу првите три, во првите пет во Европа, колку и тоа да предизвикува потсмев кај одредени структури, кои јас ги нарекувам талог на ова општество – истакна премиерот.
Тој додаде дека целта на оваа Влада е да се бори за граѓаните, да го испорачува она што го ветила и истовремено да ги исправи сите погрешни политики.
– Тоа биле политики на ограбување, грабеж, понижување, себеомаловажување и коленичење. Тие политики оставија голема трага и, за жал, ние уште некое време ќе мора да се занимаваме со корекција на сето она што беше уништено во седумте години владеење на СДСМ и ДУИ да го коригираме и досега сме прилично успешни во тоа. И затоа имам лоша вест за овие глодачи што посакуваат оваа Влада да не успее и Македонија да не успее, ќе мора уште долго време да ги гледаат успесите на Владата, а набргу само пред малите екрани бидејќи ќе бидат политичко минато – рече Мицкоски.
Европската комисија вчера ја одобри новата транша во износ од 65,7 милиони евра за земјата во рамките на планот за раст за Западен Балкан и механизмот за реформи и раст.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера на социјалните мрежи објави дека ЕК става на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамките на инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот во споредба со 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора.
Ова, како што наведува Муцунски, е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, додаде министерот, претставува и признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата.
Од вкупно одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

































