Германската компанија „Костал“ во Охрид е инвестиција што претставува инспирација за сите нас да продолжиме заедно и во годините што следуваат – да се надополнуваме, да се поддржуваме и заеднички да напредуваме – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на прославата по повод 10-годишнината од работењето на „Костал“ во Македонија.
Една деценија, според него, е доволно долг период за да можеме да се навратиме наназад и да направиме анализа за сè што е направено во Охрид од страна на „Костал“ и Владата на Македонија.
– Една деценија е доволен период за да оцениме дали сме направиле доволно, дали имаме простор заедно да направиме уште повеќе, да си поставиме нови цели и да направиме планови за да изградиме уште поуспешна иднина. Бидејќи, колку е поуспешен „Костал“ овде, во Охрид и во Македонија, толку и ние како држава ќе бидеме поуспешни и обратно – нагласи Мицкоски.
Приходите во компанијата, истакна, во последните пет години пораснале од 80 милиони евра на 280 милиони евра, колку што се очекува годинава.
– Тоа е исклучително значаен економски резултат не само за компанијата туку и за македонската економија, во која директно учествувате преку бруто-домашниот производ. Да се биде меѓу првите пет компании според извозот во македонската економија е навистина голем успех и јас од името на Владата сакам да ви се заблагодарам за сè што направивте во изминатата деценија – рече Мицкоски.
Честитајќи ѝ го 10-годишниот јубилеј на компанијата, премиерот рече дека Владата стои на располагање за сè што може да помогне.
Со повеќе од 200 милиони евра инвестиции „Костал“ ја прави најголема германска инвестиција кај нас во делот на автомобилската индустрија. Во компанијата во Охрид работат над 1.300 вработени.
































