Европскиот центар за среднорочни временски прогнози во петокот предупреди дека температурите на океаните се приближуваат кон рекордни нивоа, бидејќи условите се менуваат кон потенцијално силен временски феномен Ел нињо. Саманта Бургес рече дека температурите на површината на морето во последните денови се само малку под историскиот рекорд од 2024 година и се чини дека мај ќе го сруши сопствениот рекорд.
Прашање на денови е кога повторно ќе достигнеме рекордни температури на површината на океанот (ССТс) – изјави Бургес, климатски стратег во центарот.
И службата за следење на климатските промени „Коперник“ изјави дека дневните температури на површината на морето во април „постепено се приближиле“ до рекордни нивоа, што го одразува преминот кон Ел нињо што се очекува во наредните месеци.
„Коперник“ објави дека температурите на површината на морето во април биле вторите најтопли досега регистрирани, додека морските топлотни бранови собориле рекорди во океанот помеѓу тропскиот Пацифик и САД. Светската метеоролошка организација минатиот месец објави дека условите за Ел нињо би можеле да се развијат веќе во периодот од мај до јули. Овој метеоролошки феномен влијае на глобалното време и ја зголемува веројатноста за суши, обилни врнежи и други климатски екстреми.
Ел нињо дополнително ја затоплува планетата, а во 2023 и 2024 година „помогна“ тие години да бидат втори и први најтопли во запишаната историја. Некои метеоролошки агенции предвидуваат дека претстојниот феномен ќе биде уште посилен – потенцијално еднаков на супер Ел Нињо од пред три децении.
Зик Хаусфадер, научник во независната организација за истражување на климата „Беркли Ерт“, минатата недела напиша дека силниот Ел нињо би можел значително да ги зголеми шансите 2027 година да стане најтоплата година досега. Бергес истакна дека сè уште е прерано да се предвиди интензитетот на феноменот со целосна сигурност, бидејќи прогнозите направени во текот на пролетта на северната хемисфера можат да бидат несигурни. Сепак, таа додаде дека овој Ел нињо, без оглед на неговата јачина, сигурно ќе биде влијателен.
































