Фото: ОФМ
  • Свесни сме за предизвиците што нѐ очекуваат, но во моментов сме фокусирани на тоа што подобро да ја темпираме формата. Минатата година имавме успешно претставување во Европската лига и потврдивме дека тимот има квалитет, карактер и стабилност, вели Добрина Хаџи Тосева

По една недела подготовки за годинашната Европска лига за одбојкарки, репрезентацијата на Македонија полека се адаптира на начинот на работа на новиот селектор Милош Гавриловиќ и на неговиот стручен штаб. Комбинирано се работи на физичка и техничка подготовка и постепено се преминува кон тактички варијанти и анализата на противниците со кои ќе се соочи Македонија во Европската лига, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Тренираме во одлична атмосфера, полека влегуваме во системот на селекторот и верувам дека со квалитетна работа како и досега, дисциплина и со заедништво можеме да одиме чекор напред и да се надеваме на позитивни резултати и годинава. Свесни сме за предизвиците што нѐ очекуваат, но во моментов сме фокусирани на тоа што подобро да ја темпираме формата. Минатата година имавме успешно претставување во Европската лига и потврдивме дека тимот има квалитет, карактер и стабилност. На овој собир имаме нов селектор и нов стручен штаб, почнуваме нов циклус со поинаква енергија и со нови предизвици. Тимот е подмладен, а тоа носи свежина, амбиција и простор за развој – вели македонската интернационалка Добрина Хаџи Тосева, пренесе ОФМ.
Слично размислува и Андротеа Милевска, која потврдува дека желбите се и на оваа Европска лига репрезентацијата да забележи позитивни резултати.
– Секоја од нас во репрезентацијата го дава својот максимум на овие подготовки. Добрите резултати од ланскиот настап се од големо значење за нас, па така, желбите се и годинава на секој натпревар да се прикажеме во најдобро светло и да оставиме некој белег. Нов селектор, подмладен тим со многу енергија и желни за докажување – рече Милевска.
Селекторот Гавриловиќ до крајот на неделава ќе го дефинира составот со кој ќе настапи на првиот турнир од Европската лига, од 5 до 7 јуни во Порто (Португалија). Г.И.