Пекиншка патка со прилог на заемно разбирање

Внимателно осмислена церемонија со строго утврден протокол што се одвива беспрекорно прецизно како според извежбана кореографија – од приемот до послужувањето на присутните, осмислена за да им укаже чест на гостите, но и така што секој детаљ има точно значење и испраќа одредена порака. Овој опис се однесува на раскошниот банкет приреден за американската делегација предводена од претседателот Доналд Трамп што неделава престојуваше во тридневна државничка посета во Пекинг, но би можел во одредена мера да се однесува и на речиси секој друг свечен банкет организиран од кинески домаќини за гости од странство, впрочем како и на неколкуте приредени за новинарски делегации од кои бев дел низ разни места во Кина, па можев лично да се уверам во оваа практика. Домаќините посветуваат големо внимание на секоја ситница, со што се внимава на функциите на присутните при нивниот распоред на седење, на поздравувањето со гостите, на држењето говори и начинот на кој се прават здравици, како и на самото траење на настаните.
Од медиумското известување можеше да се дознае дека на државничкиот банкет во Пекинг биле служени јадења од традиционалната кујна од Хуајанг со одредено приспособување на менито за гостите од САД. Таа кујна најчесто се служи на дипломатски настани во Кина, бидејќи не е многу зачинета, не се потпира на егзотични состојки и опфаќа лесна храна, со што е прифатлива за странски гости. На богатата трпеза била послужена пекиншка патка што се смета за кинеско национално јадење, како и мноштво десерти, вклучувајќи тирамису и сладолед, кои вообичаено се преферираат на Запад. Кина така ја користи моќната симболика на храната за време на значајни официјални настани со истакнати гости од странство.
Пишувајќи за свечените приеми во Кина од сопствено искуство, се обидувам да ви претставам колку внимание се посветува таму на вакви официјални настани, а можам само да замислам колку тоа доаѓа до израз кога очите на целиот свет се насочени кон Пекинг деновиве додека двете светски сили и најмоќни економии се обидуваа да ги унапредат односите, со цел да ги направат долгорочно одржливи и стабилни, наспроти геополитичкото ривалство.
Светот со право внимателно ги следи случувањата во кинеската престолнина, бидејќи односите помеѓу Кина и САД се сметаат најзначајни на билатерално ниво во глобални рамки. Тоа е оправдано затоа што ниту една друга држава, настрана од нив, моментно не поседува таква комбинација од економска тежина, воена моќ, технолошко влијание и геополитички досег. Двете земји заедно сочинуваат огромен дел од глобалниот бруто-домашен производ, индустриското производство, потрошувачката на енергија, технолошките иновации и воените вложувања. А состојбата на нивните односи влијае на речиси секое глобално битно прашање: трговијата, финансиска стабилност, технолошкиот развој, безбедноста… па може да се каже и врз структурата на самиот меѓународен поредок.

Токму затоа другите држави се приспособуваат на динамиката помеѓу Вашингтон и Пекинг. Европа ги калибрира економската и безбедносната политика според случувањата помеѓу САД и Кина, додека азиските држави бараат заштита и безбедност, внимавајќи притоа да не ги нарушат трговските врски. А земјите во развој се обидуваат истовремено да имаат корист од кинески инвестиции и од американските безбедносни структури.
Во сегашната деликатна состојба во светот, оптоварена од енергетски и финансиски кризи, војни и билатерални спорови, затоа се ослушнува и анализира секој збор што доаѓа од Пекинг. Притоа се посветува внимание на тоа како се ракувале претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп, што порачале во јавните изјави, кои прашања биле најактуелни на средбата и како таа се одразува врз нивните меѓусебни односи, односно врз остатокот од планетата.
Во зависност од тоа дали кинеско-американските односи ќе се развиваат во правец на управувана конкуренција, на продолжено соперништво или, пак, на проширена и унапредена соработка на заемна корист, ќе биде одреден текот на глобалните случувања во сите сфери во годините што следат.
Охрабрувачки е што, според сите известувања, историскиот самит има смирувачки тон со нагласено заемно разбирање, при што е изразена определба за соработка од двете страни. Домаќинот Си Џинпинг ја поздравил новата ера на односите меѓу САД и Кина, при што двајцата лидери се согласиле да воспостават „конструктивни стратешки стабилни односи“ како ориентација за билатералните врски. Кинескиот претседател Си Џинпинг истакнал и дека вратата на Кина ќе се отвори само пошироко за американските бизниси, додавајќи дека тие ќе имаат пошироки перспективи во земјата, по остварениот состанок со бизнис-лидерите од делегацијата на САД.

А особено важно, како што известуваме и во нашето редакциско толкување на самитот, е што претседателите Трамп и Си Џинпинг еден на друг си ги кажале своите ставови и позиции за глобалните прашања, за кои постојат разлики во нивните гледишта, истовремено изразувајќи и волја за правилно справување со тие појави. Тоа е суштината на зрелата дипломатија во рамките на која проблемите се отвораат и поставуваат на маса заради нивно решавање наместо да се негираат. Таквата отворена комуникација помеѓу двете најголеми светски сили сама по себе претставува значаен исчекор.
Самитот во Пекинг затоа дава надеж дека САД и Кина заедно ќе се вклучат во обид за решавање на најважните светски прашања, почнувајќи од оние за ставање крај на војните во Иран и Украина, а потоа и за трговските спорови и други економско-безбедносни прашања, со надеж за успех што ќе биде почувствуван низ целиот свет.