Фото: Македонско друштво “Илинден“-Тирана

Македонско друштво „Илинден“-Тирана одбележува 11 години рамноправно членство во Федералната унија на европските националности (ФУЕН), најголемата организација за заштита на малцинските права во Европа.

Друштвото беше примено во ФУЕН на 15 мај 2015 година, на конгресот одржан во Комотини, Грција, со што стана прва организација од Албанија со статус на рамноправен член во оваа европска асоцијација.

Од „Илинден“-Тирана посочуваат дека во изминатите единаесет години активно работеле на заштита на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Албанија, како и на унапредување на нивната положба.

Во соопштението се наведува дека друштвото редовно учествувало на сите конгреси на ФУЕН, каде поднесувало резолуции поврзани со правата и положбата на македонското малцинство во Албанија. Усвоените резолуции биле доставувани до албанските институции и меѓународни организации што се занимаваат со малцински права.

Како дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН, „Илинден“-Тирана активно го отвора прашањето за Македонците во Албанија и на меѓународната сцена.

Од друштвото упатија благодарност до раководството на ФУЕН, како и до Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и неговиот претседател Бил Николов за поддршката и соработката во изминатите години.

-Да ни се множат јубилеите и пријателствата со сите народи и малцинства во Европа – порачуваат од „Илинден“-Тирана.