Врховен суд за борба против корупцијата во Украина му одреди притвор на поранешниот шеф на претседателската администрација на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, со можност за ослободување со кауција од 140 милиони гривни.
Како што објави „Укринформ“, повикувајќи се на судијата Виктор Ногачевски, Јермак ќе остане во притвор најмалку 60 дена, освен доколку не биде платена кауцијата.
Според ДПА, Јермак и уште петмина осомничени се обвинети дека биле дел од организирана група која наводно испрала речиси девет милиони евра поврзани со луксузен градежен проект во близина на Киев.
Поранешниот функционер ги отфрли обвинувањата и изјави дека нема финансиски средства да ја плати кауцијата, која изнесува околу 2,72 милиони евра.
Андриј Јермак поднесе оставка на функцијата кон крајот на ноември минатата година, по претресите во неговиот дом поврзани со корупциски скандал. Тој важеше за еден од најблиските соработници на Зеленски и од 2020 година ја водеше претседателската канцеларија.
Доколку биде платена кауцијата, Јермак ќе мора редовно да се јавува кај истражните органи и судот, да не го напушта Киев без дозвола, да ги предаде патните документи и да носи електронски уред за следење.
Покрај тоа, ќе му биде забранета комуникација со дел од осомничените и сведоците во случајот, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов и бизнисменот Тимур Миндич.
































