Фото: КФМ

КОШАРКА – СУПЕРЛИГА, ПЛЕЈОФ, МАЖИ

  • Драматичен финиш во вториот полуфинален меч и голем триумф на Маџари против ланскиот финалист ТФТ со 71-69 за место во големото финале

Вториот меч од полуфиналето на плејофот во кошаркарската Суперлига за мажи донесе нова неизвесност и драматичност на двете страни од теренот и полното гледалиште во салата „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари. На едната страна, Маџари што посакуваше финале, историско за нив, во доигрувањето, а од другата, ТФТ форсираше дуел, за „мајсторка“ што ќе го даде финалистот. Сепак, среќен крај имаше дебитантот во оваа лига Маџари, кој минимално славеше со 71-69. Со вкупен резултат од 2-0 во победи над ТФТ, Маџари е екипата што ќе се бори за шампионската титула, што претставува големо изненадување.
На 2,3 секунди пред крајот, при водство на Маџари со 71-69, репрезентативниот бек Виктор Ташовски не искористи три слободни фрлања, што беше и решавачко во завршницата. Во редовите на Маџари, Томи Луис реализираше 24 коша (шест скока и три асистенции), додека Тери Амстронг додаде уште 18 коша (осум скока и три асистенции). Кај ТФТ, Ташовски беше најефикасен со 24 коша (по четири скока и асистенции), Џастин Гордон 13 (шест скока), додека Дарин Говенс уфрли 11 коша (седум асистенции).
Маџари во големото финале ќе игра со подобриот од дуелот меѓу МЗТ Скопје и Пелистер, кој синоќа требаше да го одиграат третиот и последен меч од втората полуфинална серија во која моменталниот резултат беше нерешен, 1-1. Г.И.