Фото: Пиксабеј

Три лица биле лишени од слобода, а со едно лице е извршен службен разговор по пријави за семејно насилство во изминатото деноноќие, информира Министерството за внатрешни работи. Според МВР, регистрирани се вкупно шест случаи.

Во еден од случаите, 43-годишна жена од Скопје пријавила дека нејзиниот сопруг физички го нападнал нивниот 13-годишен син додека престојувал кај него на подрачјето на Гази Баба.

Полицијата во Скопје го лишила од слобода 52-годишниот О.Д., по пријава дека во семејниот дом во општина Центар физички ја нападнал својата 47-годишна партнерка, при што употребил и тврд предмет.

Во друг случај, 38-годишна жена од Скопје била приведена откако, според пријавата, во семејниот дом во Карпош физички го нападнала својот сопруг, употребила тврд предмет и оштетила дел од покуќнината. Според пријавителот, тој и претходно бил изложен на психичко и физичко малтретирање.

Во Кочани, 40-годишна жена пријавила дека по расправија во домот била физички нападната од сопругот, кој, според неа, и претходно се однесувал агресивно.

Во Охрид е извршен службен разговор со 37-годишна жена, по пријава дека физички нападнала две лица, при што употребила метален предмет.

Полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода и 36-годишен маж поради напад врз неговата вонбрачна сопруга.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што ќе следуваат соодветни пријави.