Домување
Кујната на иднината ќе биде поголема и помодерна, а кварцот ќе биде материјалот што ќе ги диктира изгледот и функционалноста. Кварцот е сè попопуларен во кујната бидејќи изгледа како природен камен, но е полесен за одржување и отпорен на дамки и влага. Посветлите плочи во мат-завршница се бараат честопати во контраст со темните елементи. Велат дека кујната е срцето на секој дом, а најновиот извештај од Американската национална асоцијација за кујни и бањи покажува дека во наредните години таа ќе биде најважниот дел од ентериерот. Што нè очекува?
1. Микс-дизајнот сè уште владее – комбинацијата од модерен минимализам и топли традиционални елементи останува најбараната. Дури 72 отсто од експертите веруваат дека овој стил ќе доминира, додека рустичниот и медитеранскиот полека ја губат трката.
2. Неутралните бои се најдобри за кујната – кафеавата, сивата, црната и белата остануваат основна палета, но зелената и сината полека добиваат популарност. Дизајнерите предвидуваат дека овие бои ќе бидат воведени преку детали – кујнски острови, ѕидни облоги, тапети или декоративни елементи.
3. Даб и орев – материјали на иднината – белиот даб останува фаворит за кујнските елементи, додека потемните тонови како оревот се враќаат на голема врата. Покрај тоа, европскиот стил на рамни фасади, без декорации, е сè попопуларен, што им дава на кујните луксузен и минималистички изглед.
4. Кварц – кралот на работните плочи – најголемиот тренд доаѓа токму тука: кварцот е неоспорен број еден. Дури 78 отсто од експертите го сметаат за доминантен материјал за работни плочи. Причината? Изгледа како природен камен, но е многу полесен за одржување – отпорен е на дамки, не апсорбира течност и не бара посебна грижа.
































